Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Елиот Менаџмент Фонд (Elliott Management Fund) и официјално стана сопственик на Милан! Откако претходниот сопственик Јонгхонг Ли не успеа во договорениот рок да го врати последниот дел од 32 милиони евра, од заемот со вкупна вредност од 415 милиони евра со чија помош кинезот го купи Милан минатата година, се актива клаузулата за преземање и сега американскиот фонд е новиот газда на Росонерите.

Елиот синоќа преку соопштение информираше за трансферот на сопственоста, како и за намерите и плановите за Милан во следниот период. Една од главните поенти во соопштението беше инјектирањето на дополнителен капитал од 50 милиони евра во клубот. Исто така, од Елиот стигна објаснување за намерите во врска со проблемот со финансискиот фер плеј, финансиската стабилност, како и тренерот на клубот.

“Сопственоста и контролата врз холдингот кој е сопственик на Милан денес премина во рацете на Елиот Адвајзорс УК Лимитед (Elliot Advisors UK Limited).”

“Овој трансфер се случува како резултат на чекори преземени во насока на осигурување на имотот на Елиот, откако претходниот сопственик на Милан не успеа да го подмири својот долг кон Елиот Фонд.”

“Со преземањето на контролата, визијата на Елиот за Милан е јасна: да создаде финансиска стабилност и да воспостави цврст менаџмент, да постигне долгорочен успех за клубот преку фокусирање на основите и осугурување дека Милан е добро капитализиран, како и да осигура стабилен оперативен модел кој ќе биде во согласност на регулативите на УЕФА, особено во врска со Финансискиот Фер Плеј.”

“Елиот целосно ги разбира и прифаќа предизвиците и одговорностите кои ги носи сопственоста врз оваа голема и сериозна институција [врз Милан]. Елиот е среќен не само да го поддржи клубот во овој тежок период, туку и во предизвиците за постигнување на амбициозни цели во иднина преку успехот остварен на терен од страна на тренерот Гатузо и неговите играчи.”

“Како прва мерка, Елиот планира да вбризга дополнителен капитал од 50 милиони евра, со цел стабилизирање на финансиите на клубот, но исто така планира и дополнителни финансиски инјекции како би ја реазлириале трансформацијата на Милан.”

Соопштението продолжува со цитат, директно од основачот и ко-извршен директор на Елиот, Пол Сингер:

“Финансиска поддршка, стабилност и соодветна контрола се неопходни за успех на теренот и врвно доживување на навивачите на клубот. Среќни сме да го стартуваме предизвикот за достигнување на вистинскиот потенцијал на Милан и негово враќање на врвот на европскиот клупски фудбал, каде што припраѓа. Елиот силно верува во можноста за создаде вистинска вредност за Милан.”

Според искажаното во соопштението, јасно е дека новиот сопственик планира да се избори за намалување или укинување на казната што Милан ја доби од УЕФА минатата недела. Исто така, преку спомнување на неговото име, Елиот дава до знаење дека смета на Рино Гатузо како прв тренер на екипата и за престојната сезона. Сепак, останува нејасно дали италијанскиот дел од менаџментот на клубот, на чело со Марко Фасоне, ќе остане на позиција или ќе бидат заменети со нова гарнитура. Тоа ќе се знае до крајот на неделата, откако Фасоне ќе се сретне со претставници на Елиот во Лондон, а ќе биде потврдено на 21 јули за кога е закажан вонреден состанок на бордот на директори на клубот.