Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Зимското меркато е отворено, но Милан е прилично тивок, за разлика од тоа што навикнавме ова лето. Според спортскиот директор Масимилиано Мирабели, росонерите не очекуваат ништо големо овој месец и нивниот фокус е исклучиво на продажба на играчи кои не успеаа да бидат продадени во летниот период. Во продолжение ќе пренесеме дел од интервјуто на Мирабели за Газета дело Спорт, каде зборува за зимското меркато, тимот и иднината на клубот.

Јануарското меркато како одмор? Така-така, не е баш одмор. Да речеме дека секогаш се работи, но на различни ствари. На пример, овој викенд ќе бидам во Германија каде ќе гледам неколку натпревари. Име во мојот нотес? Патувањето во Германија е за да се биде во тек со настаните и играчите, а не за јануарското меркато. Ние ништо нема да превземеме во поглед на купување ова меркато, еве ви го кажувам ова како официјална информација. Можеби ќе има одредени движења во поглед на продажба на играчи, каде во моментов најконкретни се Бока Јуниорс за Густаво Гомез.

Дали е потребна алтернатива за Кеси? Добра логика, но да ве прашам нешто: по купување на 11 нови играчи (во летниот период), дали сме сигурни дека 12от играч ќе биде вистинскиот потег? Мислам дека веќе имаме солуција за алтернатива за Кеси, како на пример Монтоливо. Дали можевме да заштедиме со оглед на фактот дека одредени играчи не играат на своето ниво иако беа платени високи суми? Сумите не беа воопшто високи, според мене. Ниту еден трансфер не беше преплатен, а ќе ви го кажам ова: чисто теоретски, ако ставиме одредени нови играчи на пазарот, можеме да направиме профит. Донарума? Џиџо го продолжи својот договор со огромна радост и тој секогаш ја истакнуваше својата желба дека сака да остане во Милан. Ние би биле пресреќни доколку тој ја заврши својата кариера тука.

Договорот за спогодба со УЕФА? Ние сме и секогаш ќе бидеме во рамките на правилата на УЕФА. Нејаснотии околу Јонгхонг Ли? Парите доаѓаат регуларно. Исто така, тука е и Давид Хан Ли кој е прилично присутен во работењето на клубот. Мојот однос со Фасоне? Ние сме технички пар, две тела и една душа. Сите одлуки се донесени заеднички. Дали летното меркато беше сработено заедно со Монтела? Ние бевме транспарентни, дури и ги чувам неговите пораки кои ми ги праќаше, на пример околу разговорите за Бонучи. Многу ми е жал како завршија работите со Монтела. Да функционираше се како што треба, Милан ќе беше на позиција која води во Лигата на Шампионите, а тој ќе си беше на своето место, како тренер.

Гатузо? Потребно беше да се даде силен сигнал до младите играчи, да сфатат што значи да го носиш црвено-црниот дрес на Милан. Рино беше избран, тој не е само попатно решение. Јас ја превземам целата одговорност и сум среќен со тоа како се одвиваат работите засега. Беше потребна напорна работа за да се подобри тимот. Среќен сум што најдов некој што работи понапорно и од мене.