Подготовките за новата сезона на Милан започнаа вчера, а играчите (без оние кои имаа репрезентативни обврски на Светското Првенство во Русија) го одржаа својот прв тренинг во Миланело. Традиционално, првиот ден од новата сезона е пропратен со позитивна енергија, ентузијазам и желба за победа, но овој пат чувствата беа малку поинакви. Како што пренесуваат повеќето спортски медиуми во Италија и ширум Европа, фондацијата Елиот ќе го превземе раководењето со клубот со што ќе стави крај на краткото владеење на кинезите во Милан, откако претседателот Јонгхонг Ли не успеа да ги плати долговите кон Елиот. Овие проблеми, заедно со фактот дека Милан не може да купува додека не продаде, значи дека енергијата кај фановите е на далеку пониско ниво од почетокот на ланската сезона. Со сите тие проблеми на ум, тренерот Џенаро Гатузо и спортскиот директор на Милан, Масимилијано Мирабели, ја одржаа својата прва прес-конференција со што го означија почетокот на новата сезона.
Освоените поени во минатата сезона? Тоа е зад нас, ние мора да гледаме кон иднината. Не променивме премногу во однос на ланската сезона и јас сум сигурен дека ќе имаме нови засилувања, за што ќе збори Мирабели после мене, но ние мора да стартуваме со голема желба и ентузијазам. Сите проблеми и можни алиби треба да се тргнат на страна, ние сме тука да се испотиме и да работиме напорно, па потоа ќе видиме каде ќе стигнеме, но без разлика на се ние мора да веруваме, навистина да веруваме, во она што го правиме. Имавме проблеми, но нашата обврска е да се подготвиме за новата сезона.

Предностите и потешкотиите во ситуација кога на стартот од сезоната имаш тим во кој не знаеш кои играчи ќе останат, кои ќе дојдат и кој ќе биде новиот сопственик? Јас секогаш ја говорам вистината, ова беа навистина тешки 50 дена, а можам да ве уверам дека сум имал и полоши моменти како тренер во други клубови. Јас сум навикнат на тоа, но исто така сум убеден и верувам дека работите ќе се подобрат. Слушнав многу шпекулации во изминативе 50 дена за играчи кои сакаат да си заминат, но до денес ниту еден играч не дошол кај мене, ниту пак кај Претседателот со таква желба, можеби некои агенти го сториле тоа, не знам, јас не комуницирам со агентите, но не слушнав ниту еден играч да побара да си замине. Започнуваме со една добра основа, со квалитетна група, па потоа ќе видиме дали овој тим ќе биде засилен или не, но важното е тоа дека имаме навистина квалитетна база на играчи.

Фановите велат дека единствената сигурна работа во Милан е Гатузо? Го чувствувам притисокот, но не сум загрижен. Ако ја говориме вистината, овој клуб имаше одредени проблеми, но би сакал уште еднаш да ве уверам дека од економска и финансиска гледна точка, никогаш ништо не ни недостасувало. Можеби доцнење на платата од една недела, но од структурна гледна точка, никогаш ништо не недостасувало. Луѓето околу мене, луѓето што работат во клубот, секогаш биле фини. Фактот дека Претседателот не е во комуникација со менаџментот на клубот ги прави работите уште потешки, но јас сметам дека во овој момент ние мора да го почитуваме клубот и да се потрудиме и да го дадеме најдоброто од себе. Го чувствувам притисокот, но го сакам тоа чувство, не сум загрижен и ќе го дадам својот максимум.

Дали ќе ‘живееме‘ ден за ден или веќе знаеме каде се движиме? Имаме навистина силна група на играчи и за да се засили овој тим, Фасоне и Мирабели знаат точно какви играчи ми се потребни. Започнуваме со добра и квалитетна база на играчи, а јас се надевам дека ќе пристигнат и нови играчи бидејќи овој тим има потреба од засилувања. Кој дел од тимот има потреба од засилувања? Од секогаш велев дека нас ни се потребни алтернативи за нашите крила и страничен играч за врска со карактеристики како Кеси. Да не заборавиме дека имаме 4 напаѓачи – Бака, Калиниќ, Андре Силва и Кутроне. Да видиме што ќе се случува на трансфер пазарот, но доколку ниту еден напаѓач не си замине, ние нема да бараме напаѓачи на трансфер пазарот.

Ситуацијата со напаѓачите? Теренот е местото каде ќе разговараме. Ќе видиме. Вие зборувавте за Андре Силва, а јас сега ќе зборам за Бака. Се надевам дека тој ќе пристигне со желба да работи напорно, а не со идејата дека треба да замине од клубот. Ако во меѓувреме најде некоја друга опција, во ред, но ако остане тука, тој мора да остане на оној начин како што сакам. Ова се однесува и за другите играчи. Андре Силва знае дека во овој момент, после една година, јас сакам тој да понуди уште подобри изданија, бидејќи ги има потребните карактеристики, бидејќи е добар играч. Тоа што го сработи изминатата сезона не е доволно, тој треба да тренира напорно и треба да биде на располагање на тимот. Сепак, јас не знам кој ќе биде во тимот, тоа зависи од она што ќе се случува на теренот. Дали сум среќен што имаме двајца врвни голмани? Секако. Оној кој ќе биде подобар ќе биде прв голман. Секако е подобро да имаш двајца врвни голмани отколку ниту еден врвен голман. Тоа ќе биде мој проблем, ќе биде навистина тешко да одберам но чувството е фантастично.

Џиџи Буфон во ПСЖ? Никогаш не мислев дека Џиџи, на 40 години, ќе продолжи да игра фудбал и ќе биде еден од главните играчи во тим како ПСЖ, тим кој во моментов е еден од најдобрите тимови во Европа. Да бидам искрен, јас бев изненаден, бидејќи ако добро се сеќавам, тој во 2010 година имаше сериозни проблеми со грбот и сите велеа дека неговата кариера е завршена. А еве сега, збориме за Џиџи, кој на 40 години ќе игра за еден од најдобрите тимови во Европа. Ален Халиловиќ? Јас го гледам него како мецала (страничен играч за врска), со различни карактеристики во однос на оние на Кеси. Не се шегувам, тој има одиграно неколку мечеви како мецала, со помалку трчање а повеќе технички квалитети. Ако го поставите на вистинското место, тој може да игра добро. Дали видов интересен играч на Светското Првенство во Русија? Нас ни се потребни засилувања кои ќе го подобрат тимот. Кои ќе бидат новите засилувања – ако воопшто и ги има – тие ќе треба да имаат специфични карактеристики, не само технички и тактички, туку хумани карактеристики. Човечкиот дел од карактеристиките е навистина важен за мене, бидејќи јас треба да работам со него.

План Б на теренот за наредната сезона? Ќе започнеме онаму каде застанавме минатата сезона, но ќе започнеме да работиме на нови концепти и некои нови работи. Можеби ќе пробаме одбрана со тројца играчи, но средниот ред ќе мора да има тројца играчи, а потоа ќе размислуваме за одредени промени. Дали Заза е играчот кој ми се допаѓа? Ние веќе имаме таков тип на играч – Патрик Кутроне. Тој е сличен, со помалце искуство, но со слични карактеристики. Ќе повторам пак, приоритет ни е да разговараме за нашите напаѓачи. Ако некој од овие напаѓачи сака да си замине, тогаш ќе размислуваме за нови засилувања во нападот. Кои ќе бидат целите за следната сезона, Лига на Шампиони или Лига Европа? Вистинската цел за наредната сезона е да се најде стабилност во сите сегменти на работењето на клубот. Мора да веруваме во ова и мора да започнеме да работиме на овие цели. Лесно е да се каже дека целта за наредната сезона е Лигата на Шампионите, но тоа е навистина тешко во овој момент. Да почекаме за момент, да започнеме да работиме на намалување на нашите грешки и да видиме до каде ќе стигнеме, да видиме какво трансфер лето ќе имаме, па потоа поставете ми го пак истово прашање.
