Марко Фасоне го искоментира вчерашното сослушување на Милан во Нион пред Комисијата на УЕФА, во врска со можното прекршување на правилата на Финансискиот Фер Плеј. Милан ќе ја чуе пресудата на Комисијата во текот на оваа недела, а Фасоне не ја отфрли можноста клубот да поднесе жалба пред Судот за спортска арбитража во Лозана. Директорот Фасоне на состанокот беше придружуван од финансискиот директор Валентина Монтанари, адвокатот и советник Роберто Капели, како и адвокатот Андреа Ајело, но на состанокот не беше присутен човекот од доверба на сопственикот Јонгхонг Ли, Хан Ли.
Состанокот во седиштето на УЕФА започнал вчера во 9:00 часот и траел цели 2 часа. Фасоне соопшти детали поврзани со економските параметри, во одбрана на случајот пред Комисијата, но и детали поврзани со континуитетот и иднината на Милан, поддржани од Елиот фондот.
Комисијата на УЕФА ги ислушала излагањата на претставниците на Милан, без притоа да се произнесе во текот на состанокот, туку оставајќи временски период од неколку дена за соопштување на одлуката. Некои италијански медиуми шпекулираат со можните казни за клубот, кои одат до екстемот на исфрлање на Милан од Лига Европа следната сезона.
“Имавме сериозна дебата со претставниците на Комисијата на УЕФА, која траеше 2 часа. Мојот впечаток е дека го имавме нивното целосно внимание, но сега мора да ја причекаме нивната одлука. Ние бараме клубот да биде оценуван согласно претходните одлуки на УЕФА од овој тип и согласно претходните искуства на другите тимови кои биле во ваква ситуација со прашањето за ФФП. Тоа е затоа што имаме чувство дека постапките на УЕФА се некако поразлични од праксата во ваквите постапки во минатото. Не ни беше соопштено кога точно ќе биде донесена одлуката, но мислам дека ќе биде наскоро, уште во следните неколку дена.”
“Дали пресудата ќе биде од политичка природа? Не сакам да давам заклучоци. Да оставиме на членовите на Комисијата да ги разгледаат презентираните факти во нашата одбрана. Ќе коментираме откако ќе ја чуеме пресудата. Во зависност од исходот, ќе знаеме дали ќе поднесеме жалба до Судот за спортска арбитража (во тој случај крајната одлука би се знаела на почетокот од јули). Доколку одлуката на Комисијата содржи екстремна казна за Милан, жалбата би била логичен следен чекор. ”
“Новиот малцински сопственик? Не можам да кажам во моментов, бидејќи тоа зависи од акционерите. Ние одбравме да одиме по патот на фактите, а не по патот на претпоставките и шпекулациите. Затоа, се надеваме дека Комисијата ќе ги разгледа исклучиво фактите, а не шпекулациите.”
“Летниот трансфер пазар? Мирабели работи на тоа. Секако дека не сме го пратиле на сончање… Одлуката може само да го промени буџетот што го планираме за ова лето. Ние не сме го спуштиле гардот, имаме План А и План Б, а Масимилиано вредно работи во позадина, без многу врева.”
