Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Не очекуваше навидум перфектен викенд каде најголемите конкуренти за ЛШ кикснаа и од нас се очекуваше рутинирана победа против аусајдерот Сасуоло, кој оваа сезона грчевито се бори за опстанок, но сепак крајниот епилог е огромно разочарување, а воедно и потсетник на нашиот ограничен и недоволно квалитетен тим.
Мечот почна добро со одлична шанса на Кеси, кој од првата минута го разбрани противничкиот голман па затоа Консиљи продолжи со истото темпо целиот натпревар.

Во 5-тата минута како дополнителен проблем за Милан е повредата на Ромањоли, кој го напушта теренот за на негово место да влезе Мусакио, а до крајот на првото полувреме иако Милан имаше неколку шанси преку Кеси и Чалханоглу сепак сето тоа беше без успех поради маестралната партија на голманот на Сасуоло.

Второто полувреме го започнавме со тотална офанзива и очајно барајќи начин да се совлада Сасуоло но сепак одбраната на гостите на чело со Ачерби делуваше сигурно и ги расчистуваше сите посериозно опасности пред нивниот гол.
Преостанатите 2 измени Гатузо ги направи многу рано во второто полувреме, па така во 55-тата и 67-мата минута на местото на Абате и Кутроне во игра влегоа Андре Силва и Калиниќ за до крајот да играме некоја импровизирана 3-3-4 која на теренот освен хаос и неорганизираност не ни донесе ништо позитивно.
Јаловите напади и ризичната и несовесна игра на капитенот Бонучи ни послужи како казна која во 75-тата минута ја искористи Политано и на гостите им донесе предност за која сите знаевме дека тие грчевито и со сите сили ќе ја бранат до самиот крај.

Во продолжението на мечот притисокот кон гостите растеше и по еден одличен центаршут на Мусакио во 86-тата минута за огромно чудење на светската фудбалска јавност во 16-тникот на противникот уште поодлично се снајде Никола Калиниќ и стрелаше за 1-1.

До крајот на мечот под константен притисок беа противничките играчи и при самиот крај Џек Бонавентура со одличен удар надвор од 16-те метри можеше на Милан да му донесе 3 бода за продолжување на сонот наречен “Лига на Шампиони” но тука повторно несовладлив беше Консиљи, кој без сомнение беше играч број 1 на натпреварот и само поради него неговиот тим дома се враќа со бод кој е можеби вреден опстанок.

Нас веднаш по овој меч ни следи дерби со Наполи, каде ќе играме без суспендираниот Бонучи и повредениот Ромањоли, па веднаш потоа Toрино и Беневенто каде би морале до 6 бодови доколку сакаме да играме во Европа.

Andiamo ragazzi!