Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

by | Apr 8, 2018

Во претходните две кола, Милан ги играше дербињата против Јувентус и Интер, и тоа во само неколку дена. Колку нашата игра беше убедлива против Јувентус и не заслуживме да го загубиме дуелот, толку против Интер тој еден бод сега делува како премија. Можеби за прв пат во оваа 2018-та година, тимот на Гатузо имаше едно вакво бледо издание. Како од самиот старт поставеноста на играта беше таква како да немаме намера да нападнеме и да оствариме победа. Средниот ред повлечен длабоко во одбрана, Сусо и Чалханоглу во улога на втор десен и лев бек и само со Кутроне напред, некаде на половината на теренот.  Наместо да се стави императив на победата и смело да се тргне кон противничкиот гол, Милан го направи спротивното. Тактички погрешно поставен Милан, кратката клупа повторно дојде до израз и погрешните замени на Гатузо сигурно беа едни од главните причини за ваквата игра. Меѓутоа, еден лошо одигран натпревар, не би требало ништо да значи за одличната резултатска форма во која се наоѓа Милан во Италија. До крајот на сезоната црвено-црните имаат финале во Купот на Италијат во Рим против Јувентус, кој е одлична можност за да се реваншираат на старите ривали и секако сезоната да се затвори со титула и уште 8 кола во Серија А. Во првенствените утакмици веќе нема простор за грешка, целта мора да бидат максимални 24 бода, доколку Милан сака да се избори за посакуваното 4-то место и воедно место кое води во Лигата на Шампионите.

Ова коло е одлична можност за враќање на самодовербата кај тимот, на Сан Сиро гостува објективно послабиот Сасуоло. Сасуоло моментално се наоѓа на 16-тата позиција, на само 5 бодови од зоната на испаѓање. Се’ освен убедлива игра и победа на крај, ќе биде голем неуспех, а одличниот старт на момците на Гатузо во 2018-та година, залуден.

Како и на повеќето наврати досега, Гатузо излегува со најсилниот состав на теренот и против Сасуоло. Како што споменав и погоре, во овој момент тој и нема некој голем избор, времето за тактизирање помина и трите бода се потребни повеќе од било кога. Она што ме плаши е високиот интензитет на игра во текот на целата втора полусезона, да не го земе данокот кога е најпотребно.

Во одбраната пред Џиџо Донарума на голот, ќе бидат Капитенот Бонучи и Ромањоли. Тие двајца веќе подолго време соработуваат одлично и сигурно се едни од најдобрите штоперски дуа во Италија и пошироко. Леонардо Бонучи игра на нивото на кое бевме навикнати да го гледаме изминатите сезони. Се покажа дека прав лидер на овој Милан, сигурен и максимално подготвен во секој натпревар. По левата страна стандардниот Рикардо Родригез, кој не во целост ги оправдува очекувањата, но во недостиг на друг класичен лев бек, тој е практично и едниствениот избор. Само како потсетување, на таа позиција место него Гатузо игра со Борини, што го укажува токму претходно споменатото. По десната страна, натпреварот сепак ќе го започне Абате, бидејќи според последните информации кои доаѓаат од Италија, Калабрија се здобил со помала повреда. Со оглед на противникот, се надевам дека ова нема да претставува голем хендикеп за нас, зошто Калабриа одлично се вклопи во тимот после повредата на Конти и е сигурно еден од подобрите поедници.

Во средниот ред, после казната поради жолти картони, се враѓа и Биглиа. Неговото отсуство и те како се осети во дуелот против гратските ривали. Покрај него ќе бидат Френк Кеси и Бонавентура. Во изминатите денови, во повеќе италијански медуми се појави информација дека Монтоливо може да го започне натпреварот место Бонавентура, бидејќи тој се наоѓа во стварно очајна форма. Сепак, на крај Гатузо по се изгледа се одлучува за оваа посигурна варијанта.

Во нападот Чалханоглу и Сусо, веќе стандарни оваа година по левата и десната страна и Андре Силва како најистурен напаѓач. Сусо повеќе време се труди да ја пронајде неговата препознатлива форма, додека пак Чалханоглу игра на навистина високо ниво веќе подолго време. Она што особено ме радува исто така е фактот што Андре Силва се враќа меѓу стартерите во Милан. Тој погоди два пати во исклучително важни моменти за вкупно 6 бода за Милан, во последната минута од судиското продолжение против Џеноа и за целосен пресврт против Киево на Сан Сиро.

Се очекува релативно лесен натпревар, натпревар за враќање на патот кон Лигата на Шампионите. Со победа, Милан ќе биде на најмалку 6 бодови од посакуваното 4-то место.

FORZA MILAN FINO ALLA MORTE!