Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

by | Dec 4, 2017

Го допревме дното другари, дефинитивно. Се избрукавме до таа мера што бантер ерата изгледа смешно во споредба со изданието кај Беневенто вчера. Милан е на сите насловни страни на спортските весници низ Италија денес и тоа за потсмев, за сеир. Сосема заслужено. Ми се чини дека ако најголемиот интериста или јувентино имаше прилика да го режира расплетот на сезоната досега, вклучувајќки го вчерашниот натпревар, немаше да смисли попонижувачки расплет.

Во пресрет на натпреварот кај Беневенто добивме нов тренер. На мислење сум дека Фасоне и Мирабели ја темпираа смената на Монтела и тој не случајно беше толериран неколку недели. Се чекаше Беневенто, се планираше сигурна победа за старт на Гатузо, како последна шанса за пресврт во сезоната. Победата кај фенерџијата и т.н. шок од промената на тренерот требаше да бидат кликот, стартот на успешниот период. Ама никој не го очекуваше тоа што низ смеа го најавуваа фановите (вистински и фиктивни) на новиот прволигаш – првите бодови во Серие А да бидат освоени против слабиот Милан, алудирајќи на лошата форма и поистоветувајќи ја со негативната серија на Беневенто.

И не мислам дека домаќините беа потценети. Милан играше онака како што игра во текот на целата сезона. Комплетно неинвентивно, предвидливо, статично. Нема неочекувани додавања, не постојат уфрлувања. Играчите се движат во радиус од 20-тина метри во текот на цел натпревар. Секој може да го предвиди следното, ако не и следните 3 додавања. И затоа Милан не е опасен и противниците можат да се одбранат со едноставна зонска одбрана со брановидни хоризонтални движења. Од друга страна, Беневенто мотивиран, но квалитетно доста лимитиран. И покрај сите ограничувања и недоволниот квалитет за најдобрата италијанска лига, домаќините ја создадоа, а Париџини не ја искористи најсериозната шанса во текот на првото полувреме. Велам создадена шанса, затоа што најдобрата шанса за Милан беше по грешка на одбраната на Беневенто, но Калиниќ и таа 1 на 1 ситуација не успеа да ја реализира.

Бонавентура го казни промашувањето на Париџини по еден чуден тек на акцијата каде Кеси долго ја носеше топката по гол-аут линија, падна, но нафрли, неколку шутеви и одбрани со глава, за конечно Џек да го отвори резултатот. И тоа беше се во првото, за второто полувреме да почне со изедначувачки гол. Повторно конфузија, повторно недоразбирање меѓу играчите од задната линија. Пушкаш дојде до одбиена топка меѓу тројца играчи на Милан и заби за 1-1. Милан успеа брзо да го врати водството со гол на Калиниќ, на нафрлување на Бонавентура.

Тука некаде почна падот на Милан. Прва измена на Гатузо во 60-та минута, навидум логична – Абате за Борини. Тие двајца практично играат на иста позиција сезонава, така што измената делуваше разумна. Слично како и втората, Биља за Монтоливо. Но само 2 минути подоцна се случи тежок превид на судијата Мариани, кога за лизгачки старт на Ромањоли му додели втор жолт картон. Тотално беспотребно бидејќи немаше буквално никаков контакт меѓу Ромањоли и Летициа. Мариани не ни помисли на видео консултација и неоправдано го остави Милан со 10 играчи. Во последните 15 минути Беневенто нападна, а Гатузо одлучи да се брани. Третата измена беше прав кукавичлук, неочекуван од карактер како Рино – Запата на местото на Сусо. Но и тоа не помогна. Ветеран како Абате направи фаул на 30тина метри странично од голот, на една минута до истекот на продолжението. Доби жолт картон и задача да го чува излезениот голман на Беневенто. Не го чуваше. Голманот Брињоли се уфрли и од 11 метри со глава, многу прецизно, изедначи на 2-2. Таа внатрешна болка после примениот гол… ми се чини дека така не ме здоболи ниту кога Перишиќ ни даде гол за 2-2 на Дербито минатата сезона.

Шок, мачнина, темница. Примивме гол од голман. Во последната минута. За прв бод во сезоната на Беневенто. На првиот натпревар на Гатузо како тренер. Впечатокот сега е комплетен. Комплетна мизерија. Комплетно понижување. И што е најлошо, никој не може да го замисли враќањето. Последната надеж беше промената на клупата, а сега тоа се претвори во поголем проблем. Рино ќе има повеќе од тешка задача ментално да го врати овој збир на немотивирани, неинспирирани, летаргични умислени фудбалски ѕвезди. Или подобро, летаргични медиокритети!

VERGOGNA!!!