Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

by | Nov 23, 2017

Бешe сезона 2002-2003, 11-та по ред во Лигата на шампионите отако се ребрендираше во 1992 година под ова име и 48-ма од самото постоење на натпреварувањето. Претходната сезона фудбалерите на Милан предводени од, прво Фатих Терим, а потоа Карло Анчелоти, ја завршија само на четвртото место, обезбедувајќи пласман во Лигата на шампионите. Во преодниот рок Милан доведе играчи како Алесандро Неста, Јон Дал Томасон, Кларенс Седорф, Мартин Лаурсен, Дарио Шимиќ, како и ветеранот Ривалдо. Сите овие засилувања ветуваа одлична година за Милан и секако и апетитите беа високи.

Милан ја започна Лигата на шампионите во првата групна фаза во групата Г, заедно со Баерн Минхен, Ленс и Депортиво ла Коруња. Во првото коло се сретнаа со незгодните Ленс на домашен терен и остварија победа од 2-1. Во вториот натпревар од оваа групна фаза, Милан ја оствари најубедливата нивна победа таа година во Лигата на шампионите, 0-4 на гостувањето кај Депортиво. До крајот на групната фаза, Милан загуби два натревари, од Ленс во Франција со 2-1 и од Депортиво ла Коруња на Сан Сиро со истиот резултат. На крајот сепак заврши на првото место на табелата со 12 бодови, исто колку и Депортиво, но со подобра гол разлика. Двомечот со Баерн Минхен заврши со идентичен резултат од 2-1 во корист на Милан.

Во втората групна фаза, Милан се најде во групата Ц со Реал Мадрид, Борусија Дортмунд и Локомотив Москва. Речиси идентично како и во претходната фаза, Милан заврши со 4 победи, дома со Реал Мадрид и Локомотив Москва од 1-0 и во гости над Борусија Дортмунд и Локомотив Москва исто со 1-0 и два порази во последните две кола, со Реал Мадрид на Сантијаго Бернабеу од 3-1 и на Сан Сиро минимално од Борусија Дортмунд со 1-0. Повторно Милан заврши на првото место со 12 бодови, оставајќи го зад себе Реал Мадрид кој освои 11.

Во четврт-финалето Милан се сретна со Ајакс, првиот реален предизвик за Росонерите. Натпреварот во Амстердам заврши без голови. Милан успеа да одолее на нападите на Холанѓаните, со што се здоби со мала преднос пред мечот на Сан Сиро. Вториот напревар започна динамично со шанси на двете страни, Милан се закани преку Руи Коста, Андриј Шевченко и можеби најубавата шанса до тој период, ударот на Броки од дваесетина метри и спектакуларната одбрана на Лобонт, додека кај Ајакс Снајдер и Пинар беа блиску до постигнување погодок. Во 30тата минута Милан го отвори резултатот, Шевченко се проби по десната страна, успеа да нафрли во шеснаесетникот на Ајакс и Инзаги постигна погодок со глава. Ајакс во 63тата минута го израмни резултатот преку Литманен по неуспешната офсајд замка на одбраната на Милан. Само две минути подоцна Милан го врати водството, овојпат со гол со глава на Шевченко по асистенцијата на Инзаги.  Во 78та минута повторно студен туш на Сан Сиро, Пинар го израмнува резултатот на 2-2. Милан беше принуден повторно да нападне бидејќи овие 2-2 одеа во корист на Ајакс поради двата гола во гости. Се најавуваше „инфаркт“ завршница и до 90тата минута, Милан се закани преку Шевченко и Инзаги. Меѓутоа „Ѓаволите“ не се предадоа, Малдини испрати долга топка до Амбросини кој со глава ја спушти до Инзаги. Инзаги успеа да ја префрли топката преку голманот Лобонт за Томасон на крајот да ја смести во мрежата на Ајакс и со тоа Милан успеа да се пласира во полуфиналето.

Следуваше полуфиналето и градското Derby della Madonnina! Едни од најлутите ривали во Италија, Милан и Интер ќе играат двомеч за финале и „виза“ за Манчестер. Влогот беше огромен, кој ќе биде на тронот на Ломбардија и да не се загуби од градскиот ривал беше императив за двата тима. Поради тоа гледавме доста цврст прв натпревар. Милан фигурираше како домаќин, а Интер успешно се бранеше 90 минути. Натпреварот заврши со резултат 0-0, а Интер замина ако со ништо друго, со психолошка предност пред возвратниот меч. Вториот напревар започна малку подинамично, Милан се закани преку Гатузо со удар од далечина, додека за Интер Креспо штутираше во рамките на голот, но таа топка беше лесен плен за Абиати кој го менуваше повредениот Дида. Резултатот остана 0-0, се до првата минута од продолжението на првото полувреме, кога Седорф успеа да го пронајде Шефченко во казнениот простор на Интер. Тој пројде покрај Иван Кордоба, пред да ја крене топката над Толдо за конечно да заврши во мрежата на Интер. Второто полувреме започна со пресинг на Интер, кој немаше друг избор освен да нападне. Милан се повлече на својата половина, успешно бранејќи се од налетите на градскиот ривал. Но десетина минути пред крајот, младиот Обафеми Мартинс ја искористи грешката на Малдини и го израмни резултатот на 1-1. Тоа беше и резултатот со кој заврши овој меч, а Милан поради голот во гости, патуваше во финалето.

Во Манчестер на Олд Трафорт во финалето на Лигата на шампионите повторно италијанско дерби: Јувентус и Милан ќе ги одмерат силите за шампион на стариот континент.  Меч за историја, за прв пат во финалто на најелитното европско натпреварување ќе гледаме две екипи од Апенинскиот полуостров. Како што е веќе вообичано за овие дерби натпревари,  одличната атмосфера, прекрасните кореографии, тензијата во воздухот не недостасуваа. Армија од црвено-црни и бело-црни навивачи го имаше запоседнато Манчестер.

Натпреварот Милан го започна со познатата „дијамант“ формација, 4-4-2 и без некои поголеми промени, со Дида на голот, кој се врати од повредата поради која го пропушти полуфиналето, Костакурта како десен бек, Каладѕе по левата страна, а Малдини и Неста ја комплетираа одбранбената линија. На средината на теренот, Анчелоти се одлучи за Гатузо, Пирло, Седорф и пред нив Руи Коста, а нападот беше резервиран за Инзаги и Шевченко.

Јувентус помалку ослабен го започна ова финале, Недвед не беше достапен за составот на Марчело Липи бидејќи во полуфиналето со Реал Мадрид доби два жолти картона, па на негово место играше Каморанези во стартниот состав. Како и што се очекуваше, гледавме мошне цврст натпревар. На почетокот на натпреварот, Милан превзеде иницијатива преку Руи Коста, по што следеше сомнителен дуел на Инзаги со Тудор, каде можеби германскиот арбитер Маркус Мерк требаше да покаже на белата точка. Набрзо потоа Шевченко постигна погодок по аститенција на Инзаги, а голот беше поништен поради пасивен офсајд. Руи Коста му попречи на Буфон во видното поле после ударот на Шевченко, но на повторената снимка се виде дека на време Руи се помести и на Милан му беше поништен регуларен гол. До крајот на првото полувреме видовме уште неколку шанси, Руи Коста биеше покрај голот на Буфон, а Дел Пјеро стрелаше директно во Дида. Во второто полувреме гледавме малку подинамичен фудбал. Конте, кој влезе на местото на Каморанези, имаше шанса да го отвори резултатот, но биеше во пречката над Дида. Малдини после слободниот удар од Пирло можеше да се запише во листата на стрелците и да го доведе Милан во водство. До крајот на натпреварот фудбалерите на двата тима се заканија уште неколку пати, но безуспешно, натпреварот ќе се решава во продолженијата. Веќе помалку уморни играчите, без некоја конкретна шанса, како да го чекаа пенал рулетот за одлучување на победникот.

После 90 минути игра и двете продолженија резултатот беше 0-0. Пеналите ќе го решат шампионот. Првиот удар од белата точка го имаше Јувентус, Трезеге шутираше по левата страна и Дида одбрани, за потоа Сержињо да погоди и после првата серија, Милан да го превземе водството од 1-0. Втората серија започна со гол на Бириндели, а Буфон успеа да го скроти ударот на Сидорф и резултатот повторно беше израмнет. Потоа повторно Дида и Буфон беа поуспешни од изведувачите на пеналите, овој пат од Залајета и Каладѕе. Четвртата серија ја отвори Монтеро, Дида успеа да одбрани, па Неста во следниот удар го донесе повторно Милан во водство. Во последната серија истрчаа најдобрите, прво Дел Пјеро за Јувентус кој погоди и надежите за титула на Бјанконерите се уште беа живи, бар за кратко. Шевченко е последниот кој ќе шутира пенал за Милан.

Sheva, Sheva, Sheva contro Buffon… Dai Sheva, dai Sheva… Parte… Vediamo.. GOOOOOL, GOOOL.. Abbiamo vinto, abbiamo vinto, E finita! CAMPIONI!!“

„Шева против Буфон, ајде Шева, да видиме, ГООООЛ ГООООЛ, ПОБЕДИВМЕ, готово е, ШАМПИОНИ, ШАМПИОНИ!“ беа дел од зборовите кои низ солзи од радост ги изусти легендарниот Пелегати. Шевченко погоди за шестата европска круна на Милан, Шевченко погоди за историја!

Ова можеби е најдобрата и најемотивната сезона за Росонерите во Лигата на шампионите, елиминирајќи ги градските ривали Интер во полуфиналето, стигнувајќи до титулата преку Јувентус. Најдобриот италијански тим, повторно на врвот на Европа!

Ti amo con tutto il mio cuore!