Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Милан на гости кај Удинезе, Гатузо на гости кај својот стар пријател Масимо Одо. Двајцата ги поврзуваат многу работи, но секако, пред се Милан. Одиграа заедно 5 сезони во црвено-црниот дрес. Освоија заедно едно Скудето, но и една Лига на шампиони. Заедно заминаа од клубот во 2012 година, кога клубот го напуштија неколку живи легенди. Денес, двајцата млади и не толку искусни стратези, за првпат ќе се поздрават како тренери на две различни екипи кои ќе играат меѓусебе.

G

И покрај очигледната скепса помеѓу фановите на Милан, Гатузо сепак донесе позитивни моменти во клубот. Милан не е на нивото кое сите го посакуваме, но напредокот во неколку значајни аспекти од функционирањето на тимот се забележливи. Можеби се работи за постепен напредок и конечно ефектуирање на таквиот напредокот – Милан во моментов има низа од 3 победи. Вистина е дека оваа серија не беше остварена против 3 силни противници, напротив, но во тој успешен период Милан за првпат успеа да надигра и победи екипа од првата петорка во Калчото. Последните 2 натпревари против Лацио во изминатите недела дена покажаа дека тимот станува се покомпактен и поопасен за противниците. Милан успеа да го заврши првиот месец од годината без пораз, со 3 победи и едно реми. Да постигне 5, а да прими само 2 гола.

Згора на добрата низа на Милан, конкурентите за местата кои водат во Европа имаат евидентни проблеми. Освен Лацио кој го загуби последниот натпревар, Рома, а особено Интер имаат сериозни резултатски кризи. Градските ривали не успеале да добијат натпревар цели 2 месеци, па со тоа, оваа победничка серија на Милан разбуди некои одамна изгасени надежи и цели за кои веќе со месеци фановите на клубот не зборуваа. За разлика од нив, утрешниот противник има одлична серија под водство на Одо од дури 6 победи во 10-те натпревари. Како и да е, со победа на Фриули утре, Милан ќе биде на само 8 бода од ЛШ и само на бод од ЛЕ!

Гатузо скоро и да нема проблеми со тимот. Освен Конти, кој според докторите се опоравува одлично и веќе почна да тренира со тимот и Родригез, кој има стомачни проблеми, на располагање на тренерот се сите првотимци. Ростерот на Милан е намален со оглед на заминувањата на тројца играчи во последните неколку денови од преодниот рок, но доволно широк дури и за ритам од два натпревари неделно, како во изминатата недела.

Со оглед на ротациите на Гатузо и делумното жртвување на стандардните првотимци на натпреварот од Купот, за очекување е враќање кон онаа група на играчи кои најчесто се наоѓаат во стартниот состав. Така, Калабрија, Бонучи и Ромањоли се сигурни во одбраната, каде единствена дилема е дали Абате да стартува на десен бек (при што Калабрија би играл лево) или добрата форма на младиот бек да не се жртвува во корист на Абате. Во вториот случај Антонели би играл на сопствената позиција лево. Во средината, Бонавентура и Кеси без дилема ќе почнат од првата минута, а изборот помеѓу Биглиа и Монтоливо веројатно ќе биде донесен непосредно пред натпреварот. Во нападот Гатузо повторно има една дилема, онаа “вечната”: Кој да биде прв избор за најистурената позиција? Ако ги прашате фановите, веројатно ќе добиете едногласен одговор – Кутроне. И заради формата, но и заради статистиката. Сепак, Гатузо, како и Монтела претходно, очигледно имаат најмногу доверба во Калиниќ, иако никој надвор од клубот не може да ги објасни сите тие (неискористени) шанси што ги добива хрватот.

Без оглед на изборот на стартерите, пред Милан и Гатузо стои императивот да ја продолжат позитивната серија. А под позитивна се мисли на победа и нови 3 бода. Сега повеќе од било кога. Сега, кога се отвора таа мала, но значајна шанса што не смее да се пропушти. Многу притисок секако дека не е потребен, особено што оваа екипа не е искусна, туку кревка, без голема самодоверба. Сепак, играчите треба да се свесни дека победа утре на Фриули нема да значи само приближување кон четвртото место, туку и значително зголемена стравопочит кон нив од страна на следните противници. Доколку победи утре, Милан ќе ја има најдолгата победничка серија во последните 4 години и можност да ја израмни со оглед на противникот од следната рунда, екипата на Спал.

Одиме на победа за вистинско враќање во игра! Forza Milan, oggi piu che mai!