Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

by | Dec 7, 2017

Вечерва се затвора групната фаза на Лига Европа. Милан го дочекува последниот натпревар со хрватска Ријека како првопласиран, без можност за поместување на табелата. Победата во минатото коло дома против Австрија со 5-1 значеше сигурно прво место за фаворитот и европска пролет по цели 3 години.

Сепак, дилемата стои пред Гатузо – дали комплетно да се промени составот во однос на оној стандардниот или да се оди на победа, прва под негово водство. Мечот со Ријека ќе биде првиот мини тест на карактерот на Рино како тренер, но и на екипата во целост. Да не беше киксот против Беневенто во неделата, веројатно немаше да има сомнежи околу првотимците. Тие ќе беа на клупа, а некои и во Милано, со мислите насочени комплетно кон викендот што претстои и натпреварот со Болоња. Вака, резултатот не е во втор план, без оглед колку резултатски небитно за двете екипи делува соочувањето. Некои ќе речат дека ова е најневажниот натпревар во сезоната. И можеби е така. Во Купот, со оглед на форматот на натпреварување, секој натпревар одлучува. Во првенството пак, колку и да се чини загубена борбата за врвот, Милан мора да оди на победа на секој натпревар.

Дел од играчите останаа во Милано. Гатузо вчера на пресот изјави дека на дел од изоставените играчи им е потребен одмор или време за закрепнување и сега е вистинскиот момент. Освен тоа, распоредот во декември е поприлично набиен со новововедените кола околу Божиќните и Новогодишните празници. Но и покрај тоа, клучни играчи од типот на Бонучи, Ромањоли, Биља и Андре Силва, отпатуваа за Хрватска, што го прави предвидувањето на почетниот состав тешко. Единствените најави на Рино за сигурни места во стартните 11 се оние за повратникот Палета, Локатели и Биља. Со оглед на изоставувањето на Џиџо, на голот најверојатно ќе застане Сторари, а во одбраната, покрај Палета, се очекува да се најдат Запата и Ромањоли. Во средината постои веројатност младиот Занелато да го има вториот настап во Лига Европа и заедно со Биља и Локатели да ја креираат играта на Милан. По крилата би се нашле Калабрија и стандардниот во ЛЕ, Антонели. Имајќи го превдив тесниот избор во напаѓачката линија, Кутроне и Силва скоро сигурно ќе бидат ударниот тандем, исто како на натпреварот со Австрија Виена.

Гатузо сака да види желба и страст кај играчите и тоа беше лајтмотивот на неговата прес конференција вчера. Ги повтори тие два збора неколку пати. А богами ги повторуваме и ние, веќе 2-3 месеци. Сите сме желни да го видиме тимот мотивиран, растрчан, со концепт и улога за секој поединец на теренот. Ријека не е вистинското место, но е добра прилика за некаква форма на свеж почеток. Во Ријека нема да бидат дел од главните играчи кои делумно или тотално потфрлија досега, но можно е, гледајќи го младиот и коминиран тим вечерва, да добијат мотив повеќе за вистинско докажување. И не е само тоа. Европа треба да почне повеќе да го почитува Милан. Екипите кои ќе ја поминат групата во Лига Европа, како и оние звучни имиња кои се селат до ЛШ во ЛЕ, треба да се плашат да го извлечат Милан во ждребот за елиминационата фаза. Тоа Милан може да го направи единствено со убава победничка низа и почеток на градење на победничка атмосфера. Нека тој процес почне вечерва!

FORZA MILAN!