Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Натпреварот против Ријека ќе биде последниот меч од групната фаза во Лига Европа. Црвено-црните обезбедија пласман во понатамошната фаза со тоа што го обезбедија првото место во претходното коло со победата над Австрија Виена. На денешната прес конференција, покрај тренерот Гатузо, беше присутен и Мануел Локатели. Во продолжение, ви пренесуваме дел од нивните изјави:

ЏЕНАРО ГАТУЗО

Натпреварот против Ријека е важен за нас, не од натпреварувачки аспект, туку во поглед на психолошкиот карактер. Ни треба важен резултат. Оние кои не играле многу сезонава, ќе добијат шанса на овој натпревар. Сакам да видам страст. Секогаш е чест да се игра на интернационално натпреварување во дресот на Милан и играчите мора да го чувствуваат тоа. Тие мора да работат напорно и да се вратат назад на победничките патеки.

Јас работам со првиот тим само 8 дена и физичката состојба на тимот не може да се подобри за тој период. Секако, тоа не е некаква утеха, но мора да работиме чекор по чекор. Момците даваат се од себе и покажуваат голема страст и желба. Решив да одморам неколку играчи бидејќи тоа им беше потребно. Како што реков, на натпреварот против Ријека очекувам да ги видам играчите полни со страст и желба. Не смее да делуваме како да се плашиме од победа.

Палета претставува пример за вистински играч на Милан, кој тренира со жестина и страст. Тој ќе биде во стартниот тим. Биља мора да се подобри, бидејќи не е 100% подготвен. Тој, заедно со Локатели, ќе стартуваат во средниот ред. Можеби не сме доволно физички спремни, но тоа не е никакво оправдување. Ние знаеме дека треба да се подобриме. Некои од трансферите ова лето сеуште не го достигнале својот потенцијал, како Кеси и Калиниќ, на пример. Тие не играат како што играа во своите претходни клубови, претходната сезона, но ние сите работиме напорно за да го смениме тоа и јас сум оптимист дека ќе успееме.

 

МАНУЕЛ ЛОКАТЕЛИ

Секој пат кога сум повикан во тимот, се трудам да го дадам најдоброто од себе и да ја покажам мојата вредност. Јас сум многу смирен. Лани имав одлична сезона, оваа година играм помалку, но тоа не значи дека сум вознемирен. Среќен сум што сум во Милан. Нормално, би сакал да играм повеќе, но тоа зависи од моите изданија на тренинзите. Финалната одлука, логично, е на тренерот. Не играме добро во моментов, но се надеваме дека ќе дојдат подобри времиња. Најдобро сеќавање од Милан во Европа? Имам многу такви од Лигата на Шампионите. Финалето во Манчестер беше нешто посебно, најмногу бидејќи го гледав во живо, со моите родители. Бев дете, па заспав пред пеналите и се разбудив откако победивме.