Повеќето од нас сеуште не ги средиле впечатоците од пријатното изненадување и победата на Лацио во неделата, а веќе денес имаме нов дуел со истиот тим, на истиот стадион. Триумфот над Лацио беше прв таков оваа сезона. Првпат пред Милан падна екипа од водечката петорка во Италија. Тоа е факт што радува, но и растажува во исто време. Чекавме повеќе од половина сезона за 3 бода од дуел со директен ривал за позиција која води во европските натпреварувања. Оттаму и моменталната ситуација и расположението меѓу фановите.
Можеби сме премногу строги и делумно престанавме да веруваме во клубот, со оглед на тоа што многумина се изненадија кога излезе податокот за последната серија на Милан од 3 врзани победи. Статистиката вели дека тоа се случило минатата сезона и тоа двапати, во октомври и во февруари. Како лошо изгледа оваа сезона, фактот дека моменталната позитивна серија на клубот не била така ретка појава, навистина делува помалку изненадувачки. Од друга страна, Милан нема 4 врзани победи (во било кое натпреварување) скоро 4 години или поточно од пролетта 2014 година, кога врзавме низ од 5 триумфи.
Пристапот за натпреварот вечерва, барем засега е делумна мистерија. Пред Гатузо сигурно стои дилемата дали да инсистира на обезбедување на поволен резултат во првиот натпревар од полуфиналето на Купот или да се фокусира на продолжување на успешната серија во првенството. Од една страна, Купот е можеби единствената шанса за трофеј сезонава. Лацио дефинитивно е премостлива пречка, а во финалето против Јувентус или Аталанта може да се да случи. Од друга страна, добрата серија на Милан и лошите на конкурентите, го вратија клубот во борба, најмалку за местата кои водат во ЛЕ, додека надежта за ЛШ, барем кај оние најголемите оптимисти, се почесто се провлекува во коментарите.
На сметка на втората теза оди и карактерот на Рино. Делува дека тој не знае да тактизира во смисла на (непотребно) одморање на дел од играчите кога тие се потербни и во форма. Сепак, Гатузо веќе има едно непријатно искуство со натпревари со иста екипа во првенство и куп едно по друго. Пред месец и пол, Милан ја прегази Верона со 3-0 на Сан Сиро во осминафиналето на Купот, за по само 4 дена да биде прегазен на Бентегоди со истиот резултат во првенствената пресметка.
За вечерва се очекуваат минимални измени во составот кај Милан. На лев бек се враќа Родригез после отслужената казна заради црвениот картон и тоа е повеќе од сигурно. Уште 2 дилеми за Рино. Првата околу шпиц позицијата – Кутроне најверојатно ќе биде заменет во стартната постава со еден од останатите напаѓачи, Калиниќ или Андре Силва. Втората, Абате или Калабрија на десен бек? После импресивната партија на Калабрија во неделата, изборот на фановите е неспорен, но близината на натпеварот со Удинезе во недела и недоволно широкиот избор на бековските позиции, би можеле да го натераат Гатузо да калкулира со Абате. Остатокот од тимот би бил истиот, победничкиот од неделата.
Милан дефинитивно заличува на сериозна екипа, иако низата на победи беше остварена против два релативно слаби противници и Лацио. Пристапот и хемијата во тимот се очигледно подобрени. Освен тоа, играчи како Хакан и Биглиа пополека ја достигнуваат саканата и очекувана форма. Бонавентура одново станува клучен играч. Делува посмирено и посталожено откако Хакан е негов партнер по левата страна. Хакан и Џек одлично се надополнуваат, технички се одлично надарени и продорни. Тоа растеретување многу значи и за Сусо на другата страна, па и за Кеси, кој знае одлично да се уфрли во шеснаесетникот. Кутроне игра далеку над сите очекувања, а одбраната во текот на последниот месец манифестира завидна компактност и цврстина.
Со позитивен резултат вечерва Милан дефинитивно ќе ја разбие психолошката бариера која беше посочувана како главен проблем на тимот. Доколку одбраната успее да го задржи рековалесцентот Имобиле и не прими гол, вратите на полуфиналето значително ќе се отвори. Лацио е комплетно различна екипа со Имобиле во составот, не само заради неговата ефикасност, туку и заради навлекувањето на противничкиот фокус, што отвора многу прилики за играчи како Милинковиќ-Савиќ, Андерсон или Луис Алберто. Но позитивната серија и враќањето на Милан сигурно делува на противниците. Со секоја нова победа, на Милан се гледа се посериозно, а противниците делуваат позагрижено и позгрчено. Милан дефинитивно е кадарен за нова победа над Лацио и прогрес во финалето од Купот. Одиме на нова победа момци!