Повторно е време за Лига Европа. Тимот на Милан во четврток доаѓа во соседството, односно во Разград, Бугарија и се надева дека со поволен резултат на првиот натпревар, веќе ќе си обезбеди пласман во следната рунда. Милан влегува во ритам, Милан заликува на себе, но поради тоа, истиот тој Милан не смее да си дозволи кикс – особено не против помалку квалитетен противник.
Освен што “росонерите” имаат предност во квалитет, можеби клучно ќе се покаже тоа што Бугарското првенство е во пауза веќе два месеца, по што повторно започнува дури овој викенд. Исто така, фудбалерите на Милан се во една добра низа, така што на последните пет дуели, остварија четири победи и еден нерешен резултат.
Последна “жртва” на одличната форма беа осумнаесетто-пласираните Спал, кои на свој терен претрпеа прилично висок пораз од 4:0. Ситуацијата конечно се чини дека може да оди само на подобро, а тоа треба да се докаже и против Лудогорец.
Се очекуваат само минимални промени за разлика од оние што истрчаа од почетокот против Спал. Давиде Калабрија се враќа во составот, па поради тоа би требало да ја заземе десната бековска позиција, додека пак на овој натпревар конечно пак шанса ќе добие Андре Силва. Важно е да се напомене дека Силва моментално е еден од најдобрите голгетери во Лига Европа со 6 постигнати голови, поеднакво колку Ригони од Зенит и Мораеш од Динамо.
Поради видот на овој дуел, можно е да добијат шанса и Монтоливо и Борини, но се зависи од тоа дали Гатузо би ризикувал и направил поголеми промени во почетните единаесет. Иако според Скај Италија, тој испробал варијанта со Кутроне во напад, и Чалханоглу и Борини на крилните позиции на тренингот во вторник. Надвор од конкуренцијата секако е Калиниќ, кој тренира одвоено и нема воопшто да допатува во Бугарија. На тренизите беа повикани и неколку младинци, како Диас, Беланова, Белоди, Побега и Ел Хилали, но шансите некој од нив да добие повик се многу мали.
ОЧЕКУВАНА ФОРМАЦИЈА 4-3-3: Донарума; Калабрија, Бонучи, Ромањоли, Родригез; Кеси, Биља, Бонавентура; Сусо, Силва, Чалханоглу.
Како и досега, ништо друго освен победа не би било прифатливо. Со оглед на распоредот во следните неколку недели, и фактот што нè очекуваат натпревари со екипи како Лацио, Рома и Интер, најповолна опција би била некоја висока победа. Така најлесно би се ослободиле од притисокот што го носи реваншот, кој е само за една недела и полесно би се фокусирале на совладување на следните пречки, односно подобрување на состојбата на табелата во Серија А.
FORZA MILAN!