Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

by | Feb 15, 2018

Четврток е денот кога се навраќаме назад низ историјата на нашиот клуб и затоа овој пат се решивме да посветиме текст на еден од најдобрите дефанзивци кои некогаш заиграле за Милан, за еден од најелегантните централни бекови во светот на фудбалот – Алесандро Неста.

Алесандро Неста е роден и израснат во Рим и своите фудбалски почетоци ги има уште во раното детство каде од 9 години е член на младинските категории на тимот на Лацио. Тој подоцна во текот на кариерата ќе се пробие во првиот тим и ќе ја заработи капитенската лента.
Неговиот талент бил забележан од низа скаути а меѓу нив биле и оние на вечниот градски ривал на Лацио, тоа е тимот на Рома, но поради тоа што сите во фамилијата на малиот Алесандро биле огромни фанови на Лацио одлуката за каде Неста ќе ја гради својата кариера била лесна и едноставна.

Своето деби во “Калчото” го има во сезоната 93/94 под водство на Дино Зоф и полека но сигурно ги прикажува своите квалитети и се наметнува во првиот тим на Лацио и за разлика од другите млади дефанзивци си го задржува и негува својот стил на игра и како трејдмарк низ целата своја кариера Неста ќе го пратат оние секогаш навремени и успешни лизгачки стартови кои многу коментатори ширум светот ги оставаа без зборови.
Врвот во својата кариера со Лацио, младиот Алесандро го достигнува под палка на Зденек Земан во сезоната 95/96 каде Лацио завршуваат 3-ти во Серија А и токму поради стилот на игра кој Земан го негува низ целата своја кариера Неста бележи најголем напредок па затоа неколку години подоцна во интервју за “Corriere della Sera” нагласува дека тој имал премногу битна улога во неговата кариера поради тоа што цврсто верувал во неговите квалитети.

Зденек Земан секогаш сакал неговите тимов играта да ја градат од позади, секој напад да почнува од централните дефанзивци каде внимателно и трпеливо ќе се гради поседот како дел од еден многу активен и доста напаѓачки стил на игра.
Ова секако му одговарало на Алесандро поради тоа што тој не бил еден од класичните дефанзивци од тоа време, кои гледале што побрзо да се ослободат од топката туку баш напротив имал одлични огранизаторски способности и тоа најдобро ќе го видиме во понатамошниот дел од неговата кариера каде ќе биде главна карика во оној шампионски тим на Карло Анчелоти.

Во 2002 година на огромно изненадување на светската фудбалска јавност, на последниот ден од трансфер периодот, Алесандро Неста за 30 милиони евра потпишува за доста амбициозниот тим на Милан.
Кариерата на младиот централен дефанзивец во гигантот од Милано почнува доста фуриозно освојувајќи ја Лигата на Шампионите против Јувентус на “Олд Tрафорд” каде победникот се одлучуваше по пенал рулетот и за огромна радост на “росонерите” Андреј Шевченко успеа да го совлада Џанлуиџи Буфон за кој веруваме дека се’ уште има кошмари од таа кобна ноќ во Манчестер.

Алесандро Неста набрзо стана омилен меѓу фановите на Милан и слободно можеме да кажеме дека тој по Лацио имаше богата и успешна кариера каде се естаблираше во еден од најдобрите дефанзивци на сите времиња и секако логично е некој да помисли дека сме пристрасни но кога истото го велат и многу фудбалски аналитичари, тренери и секако соиграчи и противници на Неста тогаш нема простор за сомневање.

Алесандро беше доста агилен дефанзивец кој умееше да игра со топка и многу често знаеше да ја пренесе на противничката половина и да започне акција, често знаеше да превземе одговорност и да го огранизира нападот и тоа се тие карактеристики кои кај него се препознатливи уште од младинските категории на Лацио.
Неговата брзина и неговите совршени лизгачки стартови му помогнаа да освои безброј дуели и индивидуални награди за “Дефанзивец на годината” па иако во понатамошниот дел на кариерата изгуби дел од својата брзина неговата одлична прегледност и снаодливост му овозможија да и понатаму игра на високо ниво и пркосејќи им на годините да им се спротиставува на тогаш најдобрите фудбалери во светот – Меси и Роналдо.

Натпревар за паметење и за доказ на неговата генијалност е оној во последната негова сезона во Милан и “Kалчото” каде тој иако е во години сепак игра на највисоко ниво и маестрално ја огранизира одбраната на Милан против тогаш една многу моќна( според многумина и најмоќна) Барселона.
Пожртвувано како и секогаш, играјќи од прва до последна минута на високо ниво, со својот квалитет и огромно искуство упеа да го спаси Милан од сигурен пораз и мечот на “Камп Ноу” против таа моќна Барселона завршува 2-2.

Алесандро Неста својата европска кариера ја завршува во Милан каде го остава дресот со број “13” слободен за други дефанзивци на кои ќе им биде неизмерно тешко да ја оправдаат тежината на самиот број и можеби некогаш некој ќе успее да го достигне она високо ниво кое беше поставено од последната златна генерација на Силвио Берлускони на кој ние како фанови му должиме многу за онаа прекрасна и полна со радости ера која траеше 30-тина години.

Неста се повлече од Калчо Лигата и фудбалот во Евопа со образложение дека веќе не се чувствува подготвен за темпото на модерниот фудбал и изјави дека доколку не се чувствува спремно повеќе би преферирал да седи дома отколку на клупа.
По завршувањето на кариерата во Милан Неста се пресели во МЛС лигата во САД и настапуваше за тимот на Монтреал каде по неколку сезони се повлече од активно играње фудбал и реши својата кариера да ја продолжи во тренерските води.

Ние како фанови би сакале да му посакаме среќа во тренерската кариера па доколку еден ден е доволно добар за клупата на гигант како Милан никој од нас не би имал ништо против да го види на тоа место каде претходно стоеле легенди како Карло Анчелоти, Фабио Капело, Ариго Саки….

…а до тогаш FORZA MILAN e FORZA NESTAAAAAAAAAA!