Производителот на спортска опрема Пума и Милан денес и официјално ја потврдија долгорочната соработка. Почнувајќи од 1 јули 2018 година, Пума ќе стане официјален партнер на Милан и глобален снабдувач со опрема на клубот.
По повод официјализирањето на соработката, Бројн Гулден, извршниот директор на Пума изјави: “Многу сме горди што ќе станеме партнер и на Милан. Тоа е еден од најуспешните фудбалски клубови во историјата на фудбалот, со огромна фан база во светот кои секогаш покажуваа вистинска фудбалска пасија. Ако ме прашувате мене, дресот на росонерите е еден од најлегендарните во светот, вистинска светост. Се надеваме на успешна соработка и ново поглавје на овој клуб, заедно со Пума.”
Извршниот директор на Милан, Марко Фасоне, исто така се обрати на настанот: “Задоволство ми е официјално да го објавам нашето партнерство со Пума, со кои делиме исти спортски вредности и пасија за фудбалот. Сите веќе знаете за каков крупен играч станува збор. Во Пума најдовме партнер со кого во сезоните кои доаѓаат ќе продолжиме по нашата зацртана стратешка патека за остварување на исклучителни резултати во и вон теренот.”
Лоренцо Џорџети, комерцијален директор на Милан изјави: “Горди сме на овој договор со Пума и се надеваме на успешна соработка уште од самиот почеток на оваа нова авантура. Мисијата на Пума е одлично пренесена и изразена со нивниот нов слоган “засекогаш побрзи” (Forever Faster), кој перфектно се комбинира со амбициите на нашиот клуб и од аспект на перформансот на теренот, но и од аспект на комерцијалниот развој на клубот. Пума дефинитивно ќе биде соодветен партнер за нас во соочувањето со претстоечките предизвици во наредните сезони.”
Преку партнерството со Пума, Милан се приклучува на импресивна група од спортски колективи кои имаа стратешка соработка со овој спортски бренд. Меѓу растечката мрежа на партнери на Пума се фудбалските великани Арсенал и Борусија Дортмунд, како и фудбалските репрезентации на Италија, Швајцарија, Австрија,Чешка, Камерун, Брегот на слоновата коска, Гана, итн. Дел и од најдобрите фудбалери во моментов имаат потпишано спонзорски договори со Пума, како: Антоан Гризман, Оливие Жиру, Кун Агуеро, Цеск Фабрегас, Марко Ројс, Џиџи Буфон, Јаја Туре и други.
Финансиските детали на договорот не беа објавени во текот на настанот, иако се шпекулираше со износот што Милан ќе го добие од Пума, како и потенцијалните бонуси, поврзани со успесите во сите натпреварувања. Се очекува клубот да сподели дел од овие информации во периодот кој следува.