Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Останаа само уште 2 наптревари до крајот на сезоната. Последните лигашки натпревари кои не се безначајни, но далеку од очекувањата што ги имавме за овие 2 меча, таму некаде на почетокот на сезоната. Пресметувавме и размислувавме дали и како ќе влијаат релативно силните Аталанта и Фиорентина врз нашиот пласман во Топ 4. Дали ќе имаме осигурано пласман во Лигата на Шампионите, дали можеби нешто повеќе. Но сезонава е сепак под очекувањата создадени минатото лето. И тоа не е голем шок за нас, со оглед на настаните во последните неколку сезони, но Милан ни е при срце и тоа ги прави ваквите ситуации тешки.

Во средата имавме шанса да ја “извлечеме” сезоната со трофеј во Копа Италија. Не се случи титула, напротив, голем пораз и лут ривал. Тоа ќе влијае врз моралот на екипата денес, без сомнежи. Уште повеќе што моменталната цел, барем според зборовите на Рино е Лига Европа. Да бидеме искрени, ја пробавме Лига Европа оваа сезона и без некоја самобендисаност, тоа не е натпреварување за екипа како Милан. Лани ЛЕ беше убава награда, после неколку сезони без европски фудбал, но уште една сезона таму… добар дел од навивачите не се убедени во тоа. Секако, никој не ги прашува навивачите кога се работи за дефинирање на целите на клубот и така треба да биде. За тоа постои менаџмент тимот, кој ќе процени дали ЛЕ би била повеќе “непотребно трошење” на клубот или тоа сепак значи за финансиите и реномето на клубот.

Аталанта имаше многу слична приказна како нашата, ако се земат само последните 3-4 сезони. Тие секогаш беа блиску, но конечно лани успеаа да изборат пласман во европско натпреварување. Тоа за Аталанта беше огромен успех и вистинска награда за одличниот тим што го имаа минатата сезона. Имаа и солиден настап во ЛЕ, а беа елиминирани од еден од најсилните тимови во лигата – Борусија Дортмунд. И на крајот од сезонава, повторно се слични патиштата на Милан и Аталанта. До толку слични што меѓусебниот дуел одлучува за тоа дали, кој и од која фаза на ЛЕ би започнал наредната кампања. Четири екипи (Милан, Аталанта, Фиорентина и Сампдорија) се во игра за две позиции кои водат во ЛЕ. Трикот е во тоа што 6-то пласираната екипа би добила директна групна фаза, но 7-мата екипа во Серие А, ќе треба да 2 квалификациски кола за пласман во групната фаза. Тоа што Милан го правеше минатото лето. А тоа, знаете и сами, повлекува многу ран старт на подготовките и почеток со официјални натпревари уште на крајот на јули. И сето тоа во година кога се игра СП во фудбал. Замислете ги Биглиа или Андре Силва, кои имаат реални шанси за играат во елиминационите фази на првенството во Русија, би требало без никаков одмор да се приклучат на тимот за натпревари со противници како овогодишните Крајова или Шкендија. И затоа, клубот, играчите и тренерот треба да одлучат: директен пласман во група на ЛЕ и без ЛЕ.

За сигурно задржување на тоа 6-то место, денес е потребна победа во Бергамо. Опција е и реми, но под услов на Сан Сиро во последното коло да падне Фиорентина. А Бергамо е поприлично незгодно место за гостување за Милан. Во последните 10 гостувања на Атлети Аѕури, Милан има по 4 победи и порази и 2 нерешени натпревари. Но што е поинтересно, во последните 5 сезони, Милан 4 пати гостувал во Бергамо во последните 3 кола од сезоната, што ќе рече дека Милан и Аталанта имаа историја на одлучувачки натпревари во самиот финиш од сезоната.

Гатузо за денес го има на располагање скоро целиот тим. Единствените 2 дилеми беа тие за позицијата на десен бек и секако, вечната напаѓачка дилема. Абате најверојатно ќе биде прв избор, заедно со Бонучи, Ромањоли и Родригез. Во средината се сигурни Кеси, Биглиа и Бонавентура. Напред, Хакан и Сусо по страните, додека најнапред најверојатно би се нашол Калиниќ. Веројатно не постои човек надвор од клубот што може да го разбере или објасни играњето но хрватот, но без оглед.

На Милан вечерва му требаат 3 бода, за безбеден последен натпревар со Фиорентина. Кога разумот ќе надвладее, ќе се сложиме дека групна фаза на ЛЕ е подобро отколку без пласман во европски куп. Синоќа градскиот ривал Интер скоро целосно ги загуби шансите за ЛШ, така што со пласман на Милан на 6-тото место, Италија ќе биде претставувана во Лига Европа догодина од двата милански клубови. И тоа ќе биде уште една шанса за докажување со комшиите, почнувајќи од исто скалило во следната сезона. Ајде момци, одиме на побда за Лига Европа!

FORZA MILAN!