Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Официјално и конечно, Милан и Монтела ја прекинаа соработката! Одлуката доаѓа после неочекувано лошиот почеток на сезоната. Чашата очигледно ја прели последниот резултат од вчера – ремито без голови на Сан Сиро против Торино.

Во службеното соопштение од клубот се вели дека клубот е благодарен на Монтела и неговите помошници за работата, како и нивната посеветеност и професионализам, до последниот ден. Управата клубот, исто така соопшти дека довербата за водење на првиот тим е доделена на Џенаро Гатузо, кој досега ја извршуваше улогата на прв тренер на младинскиот primavera состав и му посакуваат многу среќа на новата позиција. Во соопштението се најавува прес конференција за утре, на која ќе биде промовиран Гатузо како менаџер на Милан.

Веста за смената на Монтела наиде на одобрување кај најголем дел од навивачите на Милан. Веќе подолго време фановите бараа промена, а промената на тренерот се чинеше најлогична. За најрадикалните противници на Монтела денешната одлука е повеќе од задоцната. Според нив, штетата е направена и ќе биде екстремно тешко да се поправи впечатокот, но поважно, пласманот на табелата до мај. Според други, изборот на Гатузо за прв тренер на сениорскиот тим не е најсреќна одлука на Фасоне. Рино е легенда на клубот, но кога станува за збор за неговото искуство како тренер, тоа е премало. Уште повеќе што не може да се пофали со висок процент на успешност и подолг престој во претходните клубови.

Винченцо Монтела беше назначен за тренер на Милан на крајот на Јуни 2016 година. Оттогаш, го водел клубот на 64 натпревари, со скор од 33 победи, 13 нерешени натпревари и 18 порази. Гол разликата на Милан под водство на Монтела изнесуваше 107 дадени и 74 примени голови. Во единствената целосна сезона на клупата на Милан, Монтела му донесе на клубот 6то место во Серие А и пласман во квалификациите за Лига Европа, по 3 сезони за клубот без континентален фудбал. Неговиот најголем успех со росонерите беше освојувањето на Суперкупот на Италија во декември 2016 против Јувентус во Доха.

Сепак, под налетот на новиот менаџмент, Монтела беше тренерот кој доби убедливо најголем трансфер буџет во последната декада на клубот. Ова лето беа доведени 11 нови играчи, за сума од скоро 250 милиони евра. Монтела успеа да издејствува и неколку играчи за кои убедуваше дека ќе придонесат во постепеното враќање на Милан кон шампионските денови. Ефектот од ремонтот на клубот сеуште не е видлив, а голем дел од вината за досегашниот неуспех оди на товар на Монтела. Во првите 3 месеци од кампањата тимот се бореше со сопствените бариери, со недефинирани цели во поглед на тоа дали новите играчи треба да се вклопат во системот или да се гради нов систем околу новите играчи. Монтела комбинираше тактики и формации на неделна основа, реагираше повремено и тоа под притисок на јавноста. Неговите констатации за тоа како Милан се развива даваа впечаток како да живее и работи во паралелен свет. Имаше проблеми во тимот кои само тој ги гледаше, но и многу што само тој не ги гледаше.

Монтела не израсна во менаџер од калибарот соодветен за клуб како Милан. А ветуваше многу. Не само во очите на нас миланистите, туку во него веруваа и гледаа како на растечка тренерска ѕвезда многумина во Италија и низ Европа. Штета за L’Aeroplanino, штета за неговиот краток лет во Милано.

Му благодариме и му посакуваме среќа за Монтела во понатамошната кариера. А уште повеќе, му посакуваме среќа и успех за Рино во мисијата за консолидација на тимот и спас на сезоната.