Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Тренерот Гатузо и младите Кутроне, Калабрија и Торази зборуваа после убедливата победа над Фиорентина вчера на Сан Сиро. Милан ја прегази екипата оф Фиренца со високи 5-1 во последниот натпревар во оваа сезона и во стил ја спушти завесата на годишната кампања.

Рино ја пофали целата екипа за перформансот вчера и најави дека веќе почнал да размислува за следната сезона.

“Не би сакал да добијам никаква благодарност за ова. Всушност, би сакал јас да се заблагодарам на оние што ме донесоа тука, бидејќи, имајќи предвид како ја почнав мојата тренерска кариера, ова е навистина неверојатно. Мирабели ми го промени животот и светот. Тие месеци во кои раководев со Примавера тимот беа многу важни и отворија нов хоризонт за мене. Сега нема да направам пауза, нема да земам одмор. Морам да почнам со планирање на следната сезона. Претпладнево се сретнав со Фасоне и Мирабели и заклучивме дека имаме ситни нешта на кои треба да работиме и да ги сработиме како што треба.”

Патрик Кутроне беше вистинско откритие оваа сезона за Милан. Не само што ја играше својата прва сениорска сезона, туку и стана најдобар стрелец на тимот во сезоната. Тоа доволно зборува за потенцијалот што го има младиот напаѓач и за тоа како Милан треба да го третира Кутроне. Вчера тој постигна нови 2 гола, со што ја достигна бројката од 10 во Серие А и 18 вкупно во сите натпреварувања.

“Лично за мене, ова е незаборавна сезона. Успеав да постигнам 10 гола, а за тоа дали ќе стигнам со бројката 10 се шегувавме се мојот татко последниве неколку недели. Сите голови што ги постигнав ми се многу драги. Исто така, беше многу важно за целиот тим да победиме денес и со тоа покажавме дека заедно можеме да постигнеме големи успеси.”

Освен Кутроне, уште еден талент од школата на Милан импресионираше сезонава. Давиде Калабрија одигра цели 30 натпревари и постигна 1 гол, а беше и најчестиот избор на десната бековска позиција и покрај неколкуте ситни повреди во текот на сезоната. Тој вчера, исто така, даде изјава по натпреварот со Фиорентина.

“Тоа што го направивме после примениот гол беше одлично. Нашата реакција беше соодветна и беше онаква каква што ја бара и очекува тренерот. Веќе никој не се сеќава дека губевме, туку дека победивме со 5 постигнати гола. Сакавме и успеавме да се вратиме во натпреварот инстантно. Откако Хакан изедначи, се беше многу полесно. Сега ќе уживаме играјќи во Лига Европа и ќе продолжиме да се развиваме како тим. Тоа е важно со сите тие млади играчи во тимот. Сезонава не беше лесно со толку многу нови играчи, но сигурен сум дека отсега натаму само ќе се подобруваме и ќе напредуваме.”

Емануеле Торази беше момчето кое вчера многумина за првпат го видоа во дрес на Милан. Ема е се уште тинејџер и на негова огромна радост, веќе го имаше своето сениорско деби во црвено-црниот дрес.

“Ова е остварување на сонот. Стигнав дотука благодарение на моите родители. Тие ме следеа и поддржуваа секогаш и секаде и се ова им го должам нив. Исто, му благодарам и на тренерот Гатузо затоа што веруваше во мене цела сезона. Навистина голема чест е да се носат овие бои.”