Момците на Рино Гатузо извојуваа тешка победа над екипата на Сампдорија, победувајќи со резултат 3-2, откако во еден дел од натпреварот губеа со резултат 1-2. Младиот Патрик Кутроне, за многумина херој и играч на натпреварот, одново беше инспиратор на екипата, постигнувајќи го првиот гол и асистирајќи на својот партнер во нападот, Гонзало Игуаин, при постигнување на вториот гол. Тој по натпреварот даде кратко интервју за МиланТВ, каде говореше за тренерот Рино, Игуаин и фановите на Сан Сиро.
“Зборовите на тренерот ме прават среќен, но денес ние си помагавме еден на друг, особено кога бевме во негатива, а со тоа докажавме дека сме обединета група која работи како еден.”
“Се чувствувам добро со Игуаин во нападот, тој е навистина одличен играч. Ние многу често разговараме, како на тренинзите така и за време на натпреварите, за мене секој совет од Игуаин вреди како злато. На почетокот се мачевме, но подоцна успеавме да ја пронајдеме рамнотежата и да ги освоиме трите бода.”
“Да се постигне гол пред своите навивачи е чувство кое не може да се опише, ние имаме фантастични навивачи кои секогаш биле со нас, па затоа би сакал да им се заблагодарам. Натпреварот со Џенова ќе биде одлична можност за нас, да се приклучиме кон борбата за топ 4 и пласман во Лигата на Шампионите.”