На ден пред натпреварот, како и обично, прес-конференција на Винченцо Монтела, овој пат заедно со Марко Сторари. Во продолжение, ви пренесуваме дел од изјавите на тренерот на Милан:
АВСТРИЈА ВИЕНА
За нас, Лига Европа е многу важно натпреварување. Европа е домот на Милан. Досега имаме добри резултати во ова натпреварување, но сакаме да го осигураме пласманот во следната фаза, за да може потоа да се фокусираме на првенството. Првиот натпревар со Австрија Виена беше една фантастична ноќ, тимот не беше во посакуваната форма, но сепак одигра на ниво и покажа голема желба за успех. Мора да ја повториме истата игра и утре, доколу сакаме европска пролет.
ИНДИВИДУАЛЦИ
Сусо не е спремен и не би сакал да ризикуваме со него. Размислуваме за формација со двајца напаѓачи. Борини поседува огромен тимски дух, тој се жртвува за тимот и никогаш не се откажува. Хакан има голем потенцијал да го подобри овој тим и да ја однесе нашата игра на едно ниво погоре. Очекуваме многу од него, бидејќи тој е еден од најкреативните играчи во тимот и сум убеден дека ќе продолжи да напредува. Родригез и Ромањоли можат да играат заедно. Рикардо може да игра на повеќе позиции.

ТИМОТ И ФОРМАЦИЈАТА
Момците се оптимисти и веруваат во овој тим. Сите ние имаме големи очекувања, но ако сакаме да бидеме на ниво на какво е Наполи, мора да подобриме неколку аспекти од нашата игра. На Сан Паоло имавме 13 удари кон гол и поголем посед на топка, што е доволен доказ дека има напредок во нашата игра. Формацијата? Често ме обвинуваат дека премногу го менувам системот на игра и формацијата, но не можам да сторам ништо поинаку. Морам да ги земам во предвид играчите кои ги имаме на располагање и противникот со кој се соочуваме.
ПОВИК ДО ФАНОВИТЕ
Јас ја разбирам нивната фрустрација бидејќи имаше неколку разочарувачки резултати, но нас ни е потребен нивниот оптимизам и поддршка за да се вратиме назад и да креираме позитивна атмосфера. Фановите секогаш биле тука за нас и, како и секогаш, очекуваме да ги видиме во голем број утре на Сан Сиро!