Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Гатузо и неговите момци синоќа против Реал Мадрид ја завршија подготвителната фаза во пресрет на новата сезона. Европскиот шампион, пред своите гледачи го порази Милан и го освои овогодинешниот Трофеј Сантиаго Бернабеу. Крајниот резултат на интересниот двобој беше 3-1 за домаќинот, иако и Милан имаше свои моменти и периоди на добра игра. За издвојување беше првиот старт на Игуаин во црвено-црниот дрес и голот по само 4 минути игра, како и првите минути за Калдара како росонер, доброто полувреме на Сусо, неколку добри интервенции на Донарума и трансформацијата од длабока одбрана во брзи контранапади.

Рино синоќа со свој поглед на последниот натпревар и претсезоната за Милан ТВ изјави дека сега фокусот е единствено на Серие А и дека на тимот му е потребно дополнително подобрување.

 

ЗА НАТПРЕВАРОТ

“За жал, примивме два гола во продолженијата на двете полувремиња. Мора да го подобриме тој аспект од играта затоа што тоа не смее да се случува често. Вечерва беше важно да одиграме добар натпревар. А сега е време да се фокусираме на лигата и да се припремиме за отворањето против Џенова… ќе биде тоа тежок меч.”

 

ЗА ТИМОТ

“Тимот мора да сфати дека секогаш мора да се подобрува. Голем дел од тимот веќе играше во иста постава, така што тоа ни дава добра основа за да ја развиваме воиграниста, но и новите играчи можат лесно и брзо да се вклопат и да бидат корисни. Бев задоволен со тоа како Калдара и Бака се вклопија, но јас секогаш преферирам да коментирам за целата група, отколку за индивидуалци.”

 

ОЦЕНКА ЗА ПРЕТСЕЗОНАТА

“Навистина сум задоволен со работата ова лето и така мора да продолжиме. Играме добар фудбал, но мора да бидеме поодлучни. Вечерва се боревме за секоја топка, меѓутоа нивниот квалитет беше пресуден. Се уште ни фали малку брзина во играта и тоа забрзување на темпото, но тоа го знаевме и пред овој натпревар. Оваа недела ќе работиме на тие аспекти за да бидеме на ниво за првата рунда од првенството во недела.”