Прекрасни вести за црвено-црната армија низ целиот свет – нашиот Милан наредната сезона ќе настапува во Лига Европа! Новиот сопственик на Милан, американскиот фонд Елиот, испрати свои претставници заедно со делегацијата на Милан, на сослушувањето во Судот за Спортска Арбитража во Лозана, што без сомневање беше главната причина за донесувањето на конечната одлука – повлекување на забраната на УЕФА за настап во Лига Европа наредната сезона. По добивањето на првата битка по превземањето на клубот, претставници на Елиот, чиј сопственик е Пол Сингер, објавија свое официјално соопштение, кое ќе го пренесеме во целост.
Елиот е задоволен што имаше можност да го подржи Милан пред Судот за Спортска Арбитража и што токму нашата интервенција овозможи ваков позитивен исход за овој клуб. Играњето во Европа е дел од фудбалското наследство на Милан и да бидат исклучени од Европа ќе беше навистина голема штета.

Ние сега ќе работиме напорно за да го обновиме кредибилитетот на Милан во УЕФА и да покажеме дека можеме да забележиме нов успех на теренот со потполно почитување на правилата на Финансискиот Ферплеј на УЕФА. Денешната правна победа е важен прв чекор во реконструкцијата на Милан. Оваа реконструкција нема да биде краткорочна, а Елиот е подготвен да работи напорно за да помогне во реконструкцијата на Милан.