После паузата, Мистер Гатузо оддржа прес-конференција по повод неделниот меч против Каљари. Тој говореше за за состојбата на играчите, што можеме да очекуваме од натпреварот во недела, а не го изостави ни зимскиот преоден трансфер период. Во продолжение ви пренесуваме дел од зборовите на Гатузо:
“Играчите го направија она што го баравме од нив за време на паузата и сум многу среќен поради тоа. Паузата ни беше повеќе од потребна, време за полнење на батериите и физички и ментално. Играчите се однесуваа професионално и секако ние немавме сомнеж за тоа. Ми се допаѓа како тимот работеше во последниот период и се надеваме дека тоа ќе го покажеме и на теренот.”
“Каљари игра одлично од контранапад, со брзи, интересни и млади играчи. Од физичка гледна точка, тие се тежок тим да се соочите, во добра форма и треба да победиме колку што е можно повеќе дуели. Имајте на ум, тие победија во Бергамо против Аталанта и добро одиграа против Јуве. Потребна ни е одлична игра за да заминеме дома со позитивен резултат.”

На прашање кое се однесуваше на Биља, Локатели и останатите играчи, Гатузо одговори:
“Не би сакал да говорам за поединци. Имаме 11 натпревари во 43 дена. Јас не сум оној кој треба да зборува за вредноста на Биља, впрочем тој не е залудно аргентински првотимец. Навистина сум среќен што можам да работам со овој тим и знам колку овие играчи вредат. Исто така верувам дека некои од нив можат да дадат повеќе во овој тим. Ги знам недостатоците и предностите на момците и му кажав на менаџментот дека сакам да продолжам да работам со овие играчи.”
“За Локатели зборував со менаџментот и го известив дека тој е многу важен за нас. Има само 20 години и најважниот меч во досегашниот тек од сезоната, дербито против Интер во Тим Куп го започнав со него како стартер. Сепак тој мора да се подобрува и да расте, и тоа ќе го направиме заеднички во Милан. Има се што е потребно за да стане одличен играч.”

“Свесен сум за бројот на голови постигнати од нашите напаѓачи. Мораме да работиме со овие момчиња и тоа и го правиме, заеднички и индивидуално со секој од нив. Тоа е исто така психолошки проблем. Откако всушност ќе постигнат гол еднаш или двапати, се ќе стане полесно. Андре Силва е навистина одличен играч и има голема желба. Моја одговорност е да имам храброст и да му дадам шанса уште од самиот почеток. Тој е млад и треба да се подобри како напаѓач. Многу клубови тропнаа на нашата врата заинтересирани за момчето, но клубот стоеше цврсто на својата позиција: Андре Силва не е за продавање. Моја работа е да му помогнам да стане подобар. Психолошки тимот се менува и знам дека тоа не е доволно, но мора да размислиме каде бевме на почетокот.”
Гатузо говореше и за својата иднина во клубот, а новинарите не заборавија да го запрашаат и за Роналдињо кој стави крај на својата фудбалска кариера како играч:
“Морам да победувам и тимот да игра добро. Сакам да работам ден по ден и само времето ќе покаже што ќе случи. Тука се чувствувам како дома.”
“Овие момчиња се вистински професионалци и не го очекував ова од нив, тие покажаа голема желба од самиот почеток. Ние сме тим со млади играчи и мислев дека ќе имаме повеќе потешкотии, но тука се одлични и сакам да им се заблагодарам за тоа.”
“Роналдињо беше дечко што сите го сакаа, и како играч и како човек. Еден од најдобрите десет играчи во свет. Му симнувам капа!”
