Четврток е ден кога се навраќаме на минатото и дискутираме за некои поубави времиња во кои нашиот Милан беше таму горе, каде што најмногу му доликува. Денес ќе дискутираме за еден фантастичен напаѓач, за единствениот африкански играч кој успеал да ја освои Златната Топка – Жорж Веа! За помладите и оние кои можеби не се сеќаваат на Веа (да бидеме реални, ретки се таквите), да се потсетиме кој всушност беше Жорж Веа. Уникатната приказна за Жорж Оусману Опонг Веа раскажува за момче од Монровиа, главниот град на сиромашната и нестабилна Либерија, момче кое го покори светот и стана најдобриот играч на планетата.
Жорж Веа уште од мали нозе бил постојано со топката и уживал да игра фудбал. Својата професионална кариера ја започнал во не толку професионалната национална лига на Либерија каде успеал да ја освои лигата и купот. За способностите на младиот Веа слушнале многумина од Европа, а тогашниот тренер на Монако, Арсен Венгер, решил да го доведе во своите редови и да му даде шанса да се докаже. Веа, им се заблагодарил за укажаната шанса така што му помогнал на Монако да го освои купот во 1989 година и да стигнат до финалето на Купот на Победниците на Куповите во 1992 година. Вреди да се напомене дека со своите настапи во Монако, младиот африканец успева да ја освои престижната награда Африкански Фудбалер на Годината во 1989 година.
По Монако, Жорж Веа прави трансфер во главниот град на Франција, каде со Париз Сен Жермен успева да освои Куп на Франција во 1993 и 1995, француска лига во 1994 и Куп де ла Лиг во 1995 година. Исто така, во сезоната 1994/1995 успева да стане најдобар стрелец во Лигата на Шампионите, каде со својот ПСЖ успева да стигне до полуфиналето.
Фантастичните изданија во Лигата на Шампионите со ПСЖ го препорачаа Веа на Милан, кој без размислување реши да го донесе во своите редови. Жорж Веа имаше фантастичен старт во Серие А што многумина фанови веќе го гледаа како наследник на легендарниот Марко ван Бастен. Тој уште во првата сезона, под водство на Фабио Капело и играјќи заедно со Роберто Баџо и Дејан Савичевиќ, успеа да ја освои италијанската лига, завршувајќи ја сезоната како најдобар стрелец во тимот.
Годината 1995 ќе остане во сеќавањето на овој фантастичен африканец бидејќи таа година Жорж Веа успеа да ја освои Златната Топка, со што стана првиот не-европски играч на кој му успеало тоа и воедно првиот и досега единствен африканец со такво признание!
И покрај сите освоени клубски и индивидуални титули, и покрај сите фанатстични потези и одлични голови, Жорж Веа ќе остане врежан во сеќавањата на сите росонери поради оној негов гол во 1996 година, на мечот против Верона. Беше тоа едно обично неделно попладне, меч помеѓу Верона кој не беше ништо посебен, се до оној момент кога Жорж Веа стапи на сцена. Африканецот ја зеде топката од својот шеснаесетник и започна да трча. Тој трчаше, трчаше и само трчаше, поминувајќи ги играчите на Верона еден по еден, во манир на врвен скијач, за на крај да успее да ја смести топката во противничката мрежа.
По натпреварот, Газета дело Спорт со денови објавуваше анализи за голот, по што гордо тврдеа дека голот на Веа е најдобриот гол во историјата на италијанскиот фудбал. Прашан за тоа како тој го доживеал голот и целата ситуација, Веа неодамна го изјави следново:
Кога ја земав топката беше како да го изгубив умот, како некој постојано да ме буткаше од позади, постојано викајќи ‘Трчај! Трчај! Трчај!’ и кога го зададов финалниот удар, истрчав во прегратките на некој човек кој никогаш не сум го познавал. Тоа беше луд гол, човече! Кога ќе ги погледнам моите идоли – Пеле, Марадона, Бекенбауер, Кроиф – сите тие имале направено фантастични работи, креирале историја. Јас влегов во овој натпревар и исто така креирав историја.
Со доаѓањето на Алберто Закерони на кормилото на Милан, блескавите игри на Веа во Милан почнаа да бледеат. Закерони, форсирајќи го Веа по крилните позиции, на сметка на младите Андриј Шевченко и Хосе Мари, индиректно му најави дека веќе нема да има место за него во италијанскиот гигант. За крајот на неговата кариера во Милан, Жорж Веа своевремено изјави:
За мене сонот заврши денот кога го напуштив Милан. Тие донесоа одлука и тоа беш тоа. Беше конечна одлука. Два месеци како ме немаше во тимот, бев оставен да чекам да заврши сезоната за да можам да си ги земам своите работи и да заминам. Не би можел да се видам себеси во дрес на Милан повторно.
По фантастичниот период во Милан и не толку фантастичниот крај, Веа во 2000та година ја продолжи својата кариера на островотот, на позајмица во Челзи. Таму одигра солидни мечеви под водство на тренерот Џанлука Виали, каде што постигна гол во своето деби, на градското дерби против Тотенхем. Сепак, солидните игри не беа доволни за Челзи да го откупи договорот на Веа, по што африканецот се врати во Милано, од каде како слободен играч потпиша за новиот прволигаш Манчестер Сити, двегодишен договор вреден 30 000 фунти неделно. Вреди да се напомене дека пред потписот со Манчестер Сити, Веа одбил понуда вредна 1 милион фунти директно од претседателот на Милан, Силвио Берлускони.
По авантурите на островото, Веа има краток настап во Марсеј, по што се сели во Ал Џезеира и лигата на Обединетите Арапски Емирати, каде и ја завршува својата кариера.
За крај, вредно е да се спомене дека денес, Жорж Веа активно се занимава со политичкиот живот во својата Либерија. После Втората Либерска Граѓанска Војна, тој се одлучува професионалната кариера да ја продолжи во политиката и да помогне на својата земја и заедно со своите поддржувачи ја формира политичката партија Конгрес за Демократски Промени, пројавувајќи амбиција да стане Претседател на државата. Неговото образование се покажува како проблем и предмет на побивање од страна на неговите политички противници, бидејќи дипломата која ја има за Спортски менаџмент од Парквуд универзитетот во Лондон не може да ја акредитира. За негова одлучност зборува и фактот дека тој потоа запишува и завршува студии по Бизнис администрација на Деври универзитетот во Мајами. Меѓутоа, тој и понатаму останува политички активен во својата земја. Во 2014 година тој победува како кандидат на неговата партија и станува Сенатор. Врвот на неговата политичка кариера е секако 2017 година, на претседателските избори тој ги победува своите противкандидати и станува Претседател на Либерија!
Се надевам дека ќе биде исто толку добар Претседател каков што беше и играч, и му посакувам се најдобро во животот, на приватен и професионален план! Forza George!