Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Четврток е ден за сеќавања. Четврток е ден кога се потсетуваме на славното минато на нашиот омилен клуб. Денес ќе се присетиме на еден играч од балканските простори, кој имаше значителен допринос во успесите на Милан. Денес се присетиме на хрватската легенда, Звонимир Бобан.

Како и повеќето легендарни хрватски фудалери, така и Бобан својата кариера ја започнал во Динамо од Загреб, каде го има своето деби на само 16 години, а веќе на својата 19 година станува капитен на својот тим, каде запишува вкупно 109 настапи.

По низата инциденти во својата земја, Бобан прави трансфер во Италија и се приклучува на Милан, по специјално барање на тренерот Фабио Капело. Тој веднаш е испратен на позајмица во Бари, за да може да се прилагоди на Италија и италијанскиот фудбал. Таму поминува една сезона, каде го прикажува својот раскошен талент, својата техника, визија и способноста за убиствени асистенции. За жал, тоа не било доволно за спас на Бари од испаѓање, па така италијанскиот клуб завршува во Серие Б, а Бобан се вратил назад во Милано.

По неговото враќање во Миланело, Бобан станува незаменлив дел од составот на Милан. После дебито и победата над Тернана со 6-2, младиот хрват за брзо се интегрира како важна алка во средниот ред на Милан, среден ред кој тогаш го сочинувале играчи како Руд Гулит, Роберто Донадони и Деметрио Албертини.

Во 1994 година, Милан ја освојува Лигата на Шампионите, во онаа позната победа над, во тој момент, супериорната Барселона на Јохан Кројф. Бобан беше една од ѕвездите на тој натпревар, каде со својата брилијантност и волшебност, беше инволвиран во првиот гол и буквално доминираше во средниот ред, помагајќи му на Милан да ја освои Лигата на Шампионите, иако во самото финале влегоа како тотални аутсајдери.

Следеа уште успеси за Бобан и неговиот Милан, две скудета во 1996 и 1999 (кое всушност беше и негово последно Скудето). Може слободно да се каже дека Скудетото во 1999 беше едно од најдобрите изданија на Бобан во дресот на Милан. Милан ја започнаа таа сезона очајно и беа далеку од водечките екипи во горниот дел на табелата, но екипата на Алберто Закерони, борејќи се до крај, успеа да се врати во игра за титулата и со победа против Перуџа во последното коло, го освои Скудетото на драматичен начин. Звонимир Бобан беше исклучително важна алка од овој успех на Милан. Покажувајќи го својот раскошен талент и визија, тој превземаше поголема одговорност, поставувајќи се себеси како еден од поискусните играчи во тој тим, постигна значителен број на клучни голови и формираше одлично партнерство со напаѓачите, Жорж Веа и Оливер Бироф. Бобан имаше буквално се што еден тренер може да посака од својот плејмејкер. Тој беше вистински trequartista.

Во 2001 година, со доаѓањето на Руи Коста од Фиорентина, Бобан започна да го губи своето место во тимот. По неуспешната позајмица во Селта Виго, веќе легендарниот хрват, се реши да стави крај на својата кариера во октомври 2001 година. Во неговите 9 сезони за Милан, тој освои 4 титули во италијанското првенство, Лига на Шампиони, 3 трофеи во рамките на италијанскиот Суперкуп и европскиот Суперкуп. Сега, Бобан е спортски коментатор за Скај Спорт Италија, колумнист за Газета дело Спорт и еден од најголемите критичари на Милан. Еден од ретките кои искрено, без влакна на јазикот, знае да ги критикува погрешните потези на Милан, со што покажува дека црвено-црната крв се уште тече во неговите вени, а неговото срце чука за Милан!