Четврток е денот кога со задоволство ви претставуваме некој прекрасен момент од минатото на нашиот омилен клуб, ден кога со задоволство се враќаме наназад и се сеќаваме на некој од најбитните карики во Милан низ неговата историја па така денес решивме тоа да биде Масимо Амброзини, играч кој секогаш давал се од себе и скоро 20 години беше лојален на клубот и дел од најуспешната ера на Силвио Берлускони.
Масимо својата професионална кариера ја започнува далечната 1994-та година во екипата на Чезена и веднаш го привлекува вниманието на низа поголеми клубови ширум Италија па затоа на крајот на сезоната Милан, на инсистирање на тренерот Капело, реагира брзо и го реализира трансферот на ова младо момче. Во првата сезона иако конкуренцијата во средината на теренот е огромна тој сепак добива доволно шанса за да си ги покаже квалитетите но тоа не е случај во втората сезона со Милан, каде тој е испратен на позајмица во Виченца, и сезона подоцна се враќа како созреан играч и останува во клубот се до 2013-та година.
Во моментот кога тој се враќа назад клубот се наоѓа во многу лош период со тренерот Фатих Tерим но благодарејќи на реакцијата на Адријано Галијани и ангажирањето на Карло Анчелоти набрзо ситуацијата ќе се смени и Масимо ќе има нова прилика да го покаже квалитите кои многу оддамна великанот Фабио Капело ги видел во него. Новиот систем кој полека бил интегриран во Милан од страна на Анчелоти се покажува како одличен за Амброзини и останатите играчи па тој полека добива се поголема минутажа и се покажува како одлична замена за тогаш незаменливите Андреа Пирло и Џенаро Гатузо. Амброзини иако не е стандарден првотимец тој секогаш бил спремен да одговори на задачите на Карло и никогаш не го оставил тимот на цедило.
Евентуално со текот на времето неговото влијание во Милан расте па така во 2005-та година тој е најзаслужниот за пласманот на Милан во финалето во Истанбул каде го постигнува одлучувачкиот гол против ПСВ за подоцна поради повреда да биде спречен да учествува во дебаклот против Ливерпул, натпревар кој верувам дека и тој и ние сакаме да исчезне од нашите сеќавања. Имено, низ годините заедно Карло стекнува доверба во Амброзини и полека но сигурно тој станува еден од “генералите” во соблекувалната и е еден од одговорните за дисциплината и однесувањето на останатите играчи но иако тој не бил секогаш во прв план на тренерот, небитно дали изиграл 15 или 90 минути, фановите на Милан секогаш имаа прилика да видат перформанс кој му доликува на дресот на Милан.
Две години подоцна истиот тој Амброзини е еден од побитните играчи во подвигот на Милан кон ново финале во Лигата на Шампионите и одмазда против Ливерпул па иако тој е повреден голем дел од сезоната и поради тоа го пропушта СП со Италија, тoj се враќа токму на време и иако Mилан е под голем притисок во пресрет на тоа финале играчите конечно успеаа, по пауза од неколку години, да го донесат најголемиот трофеј во клубскиот фудбал назад на Сан Сиро.
Неколку години подоцна смената на генерации во Милан беше и повеќе од потребна, некои од легендарните играчи одлучија да стават крај на својата богата кариера па таков беше и случајот со нашата икона – Паоло Малдини. Пензионирањето на Малдини беше огромен удар за клубот и тоа повлече низа други прашања, а едно од нив беше и кој ќе биде следен капитен на Милан, па иако тогаш во клубот се уште настапуваа играчи од калибарот на Сидорф, Неста, Пирло, Гатузо изборот на Галијани и Берлускони падна на Масимо Амброзини.
Да се биде капитен веднаш по икона како Паоло Малдини воопшто не е лесно но таа задача Амброзини ја прифаќа со задоволство и во оние неколку години во кои е капитен на Милан тој достојно го претставува клубот и баш во таа негова “капитенска ера” нашиот клуб го освојува и последното скудето во сезоната 2010-2011.
Две сезони подоцна Амброзини го напушта Милан по третманот кој го добива на крајот од сезоната каде од клубот по порака му соопштуваат дека неговиот договор нема да биде продолжен и затоа пред и официјално да ја заврши својата кариера тој настапува 1 сезона за екипата на Фиорентина каде заедно со Квадрадо и Аквилани ги предводат “виолетовите” до 4-тото место во Италија.
Иако неславно ја завршува својата кариера во Милан, ние како фанови нема да ги заборавиме тие 18 години верност, лојалност и чист професионализам.
Grazie Ambro!