Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

by | Dec 14, 2017

Се чини дека е речиси невозможно за „модерните“ фудбалски фанови да се сетат и разберат, но имаше време кога во фудбалската игра не доминираа само Кристијано Роналдо и Лионел Меси и нивната навидум вечна битка за превласт. Имаше време кога се дискутираше за други играчи, се посочуваа факти, па и официјално избрани за најдобари на светот, но тоа време е декада позади нас. Поминаа 10 години откако еден играч беше доволно добар да се искачи на подиумот и да ги остави зад себе Роналдо и Меси: Да, во 2007 година, најдобар играч на светот беше Рикардо Кака.

Рикардо Изексон дос Сантос Леите или скратено, Кака. Златното момче на Милан. Миленикот на сите генерации Росонери, насекаде низ светот. Ако првото чувство кога ќе се спомнат имињата на дел од најголемите легенди на Милан како Ривера, Барези и Малдини е почит, има нешто поинкаво што го осеќа секој росонер кога ќе го чуе или прочита името на Кака. Некоја посебна љубов, посебен однос, чиста романтична фудбалска врска. Ненаметлив, исклучително скромен, смирен, без дамка во кариерата. Фудбалска генијалност на ниво на најголемите великани во историјата.

Роден е на 22 Април 1982, во Гама, близу Бразилија, во релативно имотно семејство на градежен инженер и наставничка. Прекарот Кака, или името по кој светот најдобро ќе го препознава го добива случајно, од неговиот брат Родриго (познат како Дигао, исто така поранешен играч на Милан), уште како дете. Фудбалскиот талент на браќата Рикардо и Родриго е пресуден за преселбата на целото семејство во Сао Пауло. Кака на 8 години станува дел од младинската школа на еден од најпознатите клубови во Бразил и Јужна Америка. По шесте години поминати во младинските категории, непосредно пред промоцијата во првиот тим на Сао Пауло, Кака доживува повреда на ‘рбетот. Повредата е сериозна и се заканувала на кариерата на ѕвездатата во доаѓање, но Кака успева целосно да се опорави и веќе следната сезона, на 19 години да стане дел од првата екипа на бразилскиот гигант.

Импактот на Кака врз резултатите на неговиот тим е инстантен и во 2002 година, Сао Пауло е убедлив лидер во регуларниот дел на првенстовото. Во двете сезони поминати во сениорскиот тим Кака одигра 59 натпревар и постигна 23 гола. Токму втората сезона со Сао Пауло е клучна за фудбалскиот пат на Рики. Голем интерес од европските гиганти во текот на летото 2003, но Милан е Европски шампион и лесно го освојува својот иден талисман. За наводна сума од 8 и пол милиони евра, Кака станува дел од Милан.

Милан под диригентската палка на Карло Анчелоти полека но сигурно се враќа на врвот на италијанскиот фудбал, завршувајќи на третото место во сезоната 2002-2003. Кака многу брзо станува миленик на публиката. Веќе во својата прва сезона, станува незаменлив дел од составот на Анчелоти и дава голем допринос за освојување на титулата истата година. Постигнува 10 гола и само го наговестува она што следи и она што треба да го очекуваат сите од него.

Кака го заменува Руи Коста и одлично се вклоpува со главните напаѓачи на Милан, Андриј Шевченко и Пипо Инзаги, создавајќи одлична синергија и ја превзема улугата на главен креативец во нападот на Росонерите. Го красеа фудбалската интелегенција, несебичноста, но во исто време застрашувачка и фантастична експлозивност. Неговото движење, посебно кога топката е во неговите нозе беше фантастично. Без сомнение беше магионичар, а уживањето да се гледа Кака на терените, непроценливо. Беше величенствен!

 

Кака прерасна во одличен плејмејкер од средниот ред, кој иако со своите 186 сантиметри тој можеше да истрча покрај одбранбените играчи на противникот оставајќи ги зад себе на така елегантен и префинет начин како што тоа го правеа таканаречените „ниски десетки“, што го чинеше Кака незапирлив во налетите. Имаше одлична контрола на топката, секогаш надмудрувајќи ги дефанзивците во еден-на-еден позиции и беше исклучително тешко за нив да му ја одземат. Генијални соло дриблинзи, совршен баланс да ги помине противничките играчи, да изведе 30 метарски спринт, честопати да ги исфрли од контрола оние кои се обидуваат да му ја одземат топката. А тие карактеристики и квалитети се резервирани само за најдобрите. Кака ова го правеше како да е најлесно нешто, просто и рутински. Способноста не само да додаде, туку да го почувствува тимот, движењето на соиграчите, да креира такви шанси, да постигнува маестрални погодоци, го направија дел од тогашната елита во фудбалот, заедно со величини од рангот на Зинедин Зидан, Андрес Иниеста и уште малкумина други.

Кака постигна скоро 100 голови за црвено-црните, но секако неговата големина е многу повеќе од само тоа. Конзистентен во играта и секогаш давајќи шанса на својот тим, без разлика во која ситуација се наоѓа.

Покрај освојувањето на Златната топка, Кака беше прогласен и за најдобар играч, во тогаш најсилната лига во светот, Серија А. Беше и во тимот на УЕФА на годината, најдобар стрелец во Лигата на шампионите, УЕФА Клуб фудбалер на годината, најдобар играч во изборот на ФИФПро, како и играч на годината според ФИФА. Кака со Милан ги освои Калчо лигата, Лигата на шампионите, УЕФА Суперкупот и Светскиот куп на ФИФА.

Тие години можеме слободно да кажеме дека Милан беше најдобриот тим, а Кака најдобриот фудбалер во светот! Кака од самиот почеток до крај, покажа индивидуален карактер и квалитет како никој друг играч на теренот!

Рикардо Кака претставува еден херој, инспирација, безвременска икона за сите Росонери. Секој еден низ кој тече црвено-црна крв низ вените,  со посебна емотивност се присеќа на неговите златни години во Милан.

Кака се врати во Милано на Сан Сиро во ноември оваа година, беше пречекан  со широко отворени раце и надеж дека повторно ќе заигра за светиот дрес, ќе се одлучи да ја заврши кариерата  тука или можеби ќе се врати со некоја друга функција во нашиот клуб. Со Сан Сиро плачеше и цело Милано, цела Италија, без разлика дали Јувентинос, Романиста, Интериста или пак некој друг, бидејќи тие сцени не може да остават рамнодушен никој кој себе се нарекува навивач, кој знае што значи верност и љубов кон својот клуб.

„Siam venuti fin qua, per vedere segnare Kaka“ се стихови кои со солзи во очи често ќе ги запееме и ден денес. Нема друг како него, а генијалноста што ја донесе во фудбалската игра кон крајот на 2000-те години, никогаш не смее да се заборави!

„Сите ние заслужуваме некој да нѐ гледа, како татко ми што го гледа Кака“

 

 

Siam venuti fin qua, siam venuti fin qua, per vedere segnare Kaka…