Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Добрите игри на Патрик Кутроне не останаа незабележани, па младиот напаѓач на Милан го заработи првиот повик за сениорската репрезентација на Италија. ВД селектор на Италија, Луиџи Ди Биаџо го повика Патрик за престојните пријателски натпревари против Аргентина (23 март) и Англија (27 март). Покрај Кутроне, повик во италијанската репрезентација добија и Џанлуиџи Донарума, Леонардо Бонучи и Џакомо Бонавентура (прв повик по ноември 2016). Алесио Ромањоли, исто така, се очекуваше да биде во составот, но неодамнешната повреда значеше и пропуштање на репрезентативните активности, па одбранбениот играч на Милан ќе одмори за време на репрезентативната пауза.

Лукас Биглиа ќе се соочи со дел од своите соиграчи од Милан, кога Аргентина ќе се сретне со Италија на 23 март. Стандардниот играч на Милан заработи нов повик од страна на аргентинскиот селектор, па освен со Италија, Лукас ќе се соочи и со селекцијата на Шпанија на 27 март.

Херојот на последните два натпревари на Милан, Андре Силва, е повикан од страна на португалскиот селектор за престојните натпревари со Египет (23 март) и Холандија (26 март). Фановите на Милан со огромно внимание ќе ги следат овие два натпревари, бидејќи од исклучително значење за Милан е Силва да продолжи со својата голгетерска серија и да го покаже својот раскошен талент.

Расположениот и во форма играч на Милан, Хакан Чалханоглу, во престојната репрезентативна пауза ќе има обврски со својата Турција, каде треба да се сретне со Ирска (23 март) и Црна Гора (27 март). Игрите во Милан и враќањето на формата ќе бидат од исклучително значење за селекторот на Турција, кој се надева дека токму Чалханоглу ќе биде еден од клучните играчи во престојните натпревари.

Помалку заборавениот Густаво Гомез, иако само со еден настап во дресот на Милан сезонава, се најде на списокот на селекторот на Парагвај, за престојниот натпревар против САД на 28 март. Можеби ова ќе биде еден од натпреварите каде Гомез ќе покаже дека заслужува поголема минутажа во црвено-црниот дрес. Остануваме во Јужна Америка, каде херојот од 97-та минута во Дербито, Кристијан Запата, се најде на списокот на селекцијата на Колумбија, за престојните натпревари со Франција (23 март) и Австралија (27 март).

Голгетерската криза на Никола Калиниќ очигледно не е толку страшна за селекторот на Хрватска, кој се реши да го повика хрватот за престојните репрезентативни активности на репрезентацијата. Коцкестите ќе имаат јужноамериканска турнеа, среќавајќи се со селекциите на Перу (24 март) и Мексико (28 март).

Листата завршува со репрезентативците на Швајцарија и Брегот на Слоновата Коска, Рикардо Родригез и Франк Кеси. Родригез е во составот на Швајцарија за натпреварите со Панама (23 март) и Шпанија (се уште не е одреден датумот). Кога сме кај Шпанија, вреди да се напомене дека нашиот Сусо не успеа да се најде во списокот на селекторот Лопетеги, па ќе треба напорно да работи за да се врати во националниот тим. Репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, Франк Кеси, ќе ја предводи својата селекција на мечевите против Того (24 март) и Молдавија (27 март).

Фановите и стручниот штаб на Милан, со огромно внимание ќе ги следат настапите на росонерите за своите репрезентации. Престојниот период, по репрезентативната пауза, Милан има пеколен распоред, каде му гостува на актуелниот шампион и лидер на табелата Јувентус, па потоа треба да го одигра одложеното дерби со Интер. Да се надеваме дека престојната репрезентативна пауза ќе донесе само радости за играчите на Милан, а повредите ќе не одминат, па спремни ќе ги дочекаме престојните пеколни мечеви.