Преглед на репрезентативни настапи – прв дел

by Ivan

Фудбалските репрезентации низ светот, а особено оние кои ќе настапат на Светското Првенство во Русија, ја имаат претпоследната шанса за собир и воигрување на селектираните играчи. Во овој период на репрезентативна пауза, правиме преглед на настапите на играчите на Милан за своите репрезентации. Скоро сите повикани репрезентативци имаа значајна улога во своите национални селекции и добија сериозни минутажи.

Најмногу росонери на едно место истрчаа на Етихад стадионот во Манчерстер, каде Италија и Аргентина тестираа во силни, но не целосно комплетни состави. Аргентина со Биглиа во составот славеше со 2-0, за продлабочување на кризата на аѕурите по неуспехот да се пласираат на СП во Русија. Лукас делува незаменливо во составот на гаучосите и ги одигра сите 90 минути во одлично темпо. На другата страна, историја испиша Патрик Кутроне, кој стана напаѓачот со најмалку настапи во Серие А во моментот на својот прв настап за сениорскиот тим на италијанската репрезентација. Кутроне доби нешто повеќе од 15 минути на терен, без особен придонес во дебито. Бонучи е дефинитивно најдобриот стопер кој Ди Биаџо го има на располагање во моментов, па така Лео го одигра целиот натпревар. На овој натпревар шанса не добија Џиџо Донарума и Џек Бонавентура. За нив останува натпреварот против Англија на Вембли во вторник.

Андре Силва имаше успешен тест со својата Португалија против Египет. Силва одигра 76 минути како партнер на Кристијано Роналдо во нападот. Сепак, херојот на Милан од последните два натпревари не учествуваше во головите на Португалија со оглед на тоа што пресвртот на неговата репрезентација се случи во судиското надополнување, кога Силва веќе бешенадвор од игра. Андре останува сериозен кандидат за повик од страна на селекторот Сантош за СП во Русија.

Рикардо Родригез е незаменлив на својата позиција во швајцарската репрезентација. Така беше и синоќа, кога доби нов старт и одигра 80 минути во победата над Грција со 1-0 во Солун. Родригез е безмалку сигурен патник за Русија, со оглед на континуираните добри перформанси, но и конкуренцијата на левата бековска позиција во неговата репрезентација.

Сличен допринос имаше и Хакан Чалханоглу за турската репрезентација. Место во стартниот состав и 80 на терен за играчот кој се повеќе ја бетонира својата позиција во Милан. Турција ја победи Република Ирска со 1-0 во Анталија, со голот на Топал. Турците не успеаа да се пласираат на Мундијалот годинава, но новиот пријателски тест против Црна Гора во вторник, ќе биде нова шанса за Хакан за докажување во националниот дрес.

Брегот на Слоновата Коска тестираше со локалниот ривал Того синоќа. Двете репрезентации покажаа офанзивна игра и постигнаа по 2 гола во противничката мрежа. Франк Кеси веќе е стандарден во сопствената репрезентација и незаменлива на дефанзивната везна позиција. Синоќа Кеси одигра 76 минути, а веќе во вторник ќе има нов натпревар, овојпат со европска селекција – Молдавија.

Едно од поголемите изненадувања на вечерта го направи Колумбија, која на Сен Дени во Париз ја совлада Франција. Запата сезонава нема многу минутажа кај Гатузо, но тој редовно добива повици за сопствената репрезентација. Сепак, синоќа изборот на селекторот Пекерман не падна на него и не доби шанса ниту од клупата. Нова можност за колумбиецот ќе биде пријателскиот тест со Австралија, во вторник доцна навечер.

Уште еден играч кој и покрај лошата форма во Милан, добива значајна улога во националниот дрес е Никола Калиниќ. Хрватите веќе подолго време се потпираат на Калиниќ како прв шпиц во формацијата во која позади него делува опасно офанзивно трио сочинето од Манџукиќ, Модриќ и Перишиќ. Сепак, Калиниќ не успеа да ја искористи добрата форма на неговите соиграчи да постигне гол за какво-такво враќање на самодовербата. Напротив, Хрватска беше поразена од Перу во Мајами со 2-0. Нико одигра 64 минути на овој натпревар и веќе е на пат за Милано, иако хрватите ќе одиграат уште еден подготвителен натпревар против Мексико во среда наутро по европско време.

 

You may also like

Leave a Comment