Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Милан е повторно актуелен. Не по разно разните шпекулации и збирот на лажни вести во врска со претседателот на Милан, туку поради резултатите. По оној гол на чудото од дете Патрик Кутроне во куп натпреварот против Интер, четата на генерал Гатузо го започна своето качување кон горниот дел на табелата, бележејќи 7 победи, 3 нерешени натпревари и ниту еден пораз, во сите конкуренции. Иако сите го сметаа за привремено решение, Рино Гатузо покажува дека треба сериозно да се смета на него како можен долгорочен тренер на клупата на Милан. Пофалби за неговата работа стигаат од сите страни, потенцирајќи го фактот дека токму Гатузо успеа да ја врати самодовербата кај играчите, а со тоа и да влијае на самите резултати.

По рутинираната победа над Лудогорец, Милан се насочува кон следниот натпревар и влегува во еден исклучително тежок период, период во кои следат гостувања кај Рома и Лацио (реванш мечот од Купот), како и Дерби дела Мадонина со Интер. Многумина велат дека токму овој период, односно овие 3 натпревари ќе бидат одлучувачки за текот на сезоната на Милан, а исто така можат да бидат пресудни и за иднината на Гатузо како тренер на Милан.

Прв од таа тешка серија е натпреварот со Рома на Олимпико. Рино се одлучи да им даде одмор на неколку играчи на натпреварот со Лудогорец, па така здив земаа Сусо, Бонавентура, Чалханоглу, Донарума, Биглиа и делумно Бонучи (со оглед на фактот дека го замени Ромањоли и ги одигра последните 15мин од натпреварот). Наспроти тоа, Рома одигра еден тежок меч во рамките на Лигата на Шампионите во Украина, против силниот Шахтјор, каде успеа да прокоцка водство во првото полувреме и на крај го загуби мечот со резултат од 2-1. На тој натпревар, римјаните настапија со полн состав, па останува да се види дали ќе успеат да ги наполнат батериите пред мечот со Милан.

Околу составот, се очекува Гатузо да се врати на оние играчи кои беа главните протагонисти во оваа серија без пораз во 2018 година. На голот се враќа помладиот Донарума, а одбраната би требало да ја сочинуваат веќе стандардните и добро уиграни Ромањоли и Бонучи. Според сите најави, единствената дилема кај Гатузо ќе биде на десната бековска позиција, каде е неизвесен настапот на Калабрија, па до последен момент ќе се чека одлуката дали Калабрија или сепак Абате ќе се најде во првиот тим.  Во средниот ред, се очекува триото Кеси-Биглиа-Бонавентура, додека во нападот се враќаат стандардните Сусо-Кутроне-Чалханоглу.

Овие 11 играчите ќе треба да се спротистават на сериозно квалитетната Рома, која иако има моменти на слабост, е далеку од наивен противник, што впрочем го покажа и докажа на првиот натпревар оваа сезона, каде на Сан Сиро славеше со резултат од 0-2. Овој натпревар, за момците на Рино Гатузо, како и за самиот тренер, е можеби финалниот тест, на кој треба да покажат и докажат дека изминатите резултати не се случајни и дека Милан навистина се враќа во потребната форма. Исто така, овој натпревар е исклучително важен бидејќи може да послужи како еден вид катализатор за наредните натпревари, односно со позитивен резултат на овој натпревар, атмосферата во тимот ќе биде на значително ниво пред  гостувањето кај Лацио и дербито со Интер.

Момци, ние веруваме во вас, ние веруваме дека пласман во Лигата на Шампионите е се уште реална опција. Можете!