Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

by | Oct 28, 2017

Еуфоријата иста како и пред секое големо дерби, но овој пат Милан нема право на кикс, иако на Сан Сиро доаѓа шампионот Јувентус кој е повеќе од незгоден противник изминативе неколку сезони. Последен пат кога Јувентус нема постигнато гол на меч во Серија А е токму натпреварот против Милан од минатата сезона, кога со голот на Локатели еруптираше Сан Сиро. А ние, нормално, се надеваме дека и денес би можело да се случи нешто слично.

По низата од 3 порази и катастрофалната игра, следуваше убедлива победа на гостувањето кај секогаш незгодниот Киево. И тоа со убедливи 1-4. Тоа како да ни даде нов импулс и беше одлична увертира за за дербито. Монтела најверојатно и на овој меч ќе стартува со новата 3-4-2-1 формација, која во текот на мечот знае да се трансформира и во 4-2-3-1, формација во која тимот делува далеку постабилно и формација во која можеме да уживаме во квалитетите на нашиот најдобар играч – Сусо.

На мое огромно изненадување, во одбраната се очекува Монтела повторно да стартува со Запата на местото на Мусакио. Во задната линија место би требало да има и за Ромањоли и Рикардо Родригез. Освен ако не се работи за некоја повреда, според мене Мусакио е неоправдано изоставен.

На крилните позиции – по подолго време, на десната страна се очекува да настапи Абате, додека лево би играл Борини, кој сега за сега одлично се снаоѓа на таа позиција. Со средниот ред ќе диригираат Кеси и Биља и дефинитивно ќе ја имаат најтешката задача на овој натпревар – да се справат со одличната средина на Јувентус и да ги одбијат супер разиграните Дибала и Игуаин. Во нападот, Монтела се очекува да започне со Калиниќ како најистурен, а веднаш позади него би биле Сусо и Чалханоглу. Се надеваме дека двајцата виртуози покрај Калиниќ денес ќе бидат расположенни и ќе имаат одличен меч. Дефинитивно од нив ќе зависи нашиот офанзивна креација и шансите за гол.

Монтела во своето интервју пред мечот спомна дека има големи очекувања од вечерашното дерби. Вели дека може да биде пресвртница за сезоната и верува во квалитетите на своите играчи. Нив пак, ги очекува распродаден Сан Сиро, па на нив ќе биде да го нокаутираат шампионот и да го натераат да “изгори во пеколот”!

FORZA MILAN!!!