По каде-каде попристојното изднание на момците на Гатузо против Болоња и победа на домашен терен по безмалку 3 месеци, нема простор за пауза и токму денес против Верона ни стартува сезоната во Купот на Италија.
Наместо мирно да го дочекаме овој натпревар по низата ужасни резултати на нашиот тим, на сцена повторно стапуваат шпекулации, и тоа овојпат за потенцијално заминување на Џиџо Донарума. Знаеме дека за него се заинтересирани повеќе клубови меѓу кои и Реал и Атлетико Мадрид, ПСЖ и секако Јувентус кој бара замена за Буфон по неговото пензионирање. Не може да кажеме дека сме изненадени и дека не го очекувавме ова со оглед на тоа дека менаџер на Џиџо е Мино Раиола, човекот со кој имавме огромни проблеми на почеток на летниот трансфер период. Не можеме да бидеме сигурни дека Џиџо ќе остане, но во едно сме сигурни – доколку дојде до продажба Милан би заработил преку 70 милиони евра што е рекордна сума кога станува збор за голман.
Од друга страна Џенаро Гатузо за овој натпревар реши да ги повика најдобрите играчи, без притоа да поштеди некој. Со тоа јасно дава до знаење дека Милан вечерва против Верона планира рутинирано, како и што му доликува, да се пласира во наредната фаза од ова натпреварување. Ова е списокот на повикани играчи на Гатузо:
Голмани: А. Донарума, Џ. Донарума, Гуарноне;
Одбрана: Абате, Антонели, Бонучи, Калабрија, Гомез, Мусакио, Палета, Родригез, Ромањоли, Запата;
Среден ред: Биља, Бонавентура, Борини, Кеси, Монтоливо, Занелато;
Напад: Кутроне, Калиниќ, Андре Силва, Сусо.
Медиумите соопштуваат дека Гатузо на овој меч повторно ќе стартува со формација 4-3-3, особено по коментарите на Сусо дека тоа е добитната формација за тимот и дека негова желба е да нема повеќе промени. Ова може да се оквалификува како дефинитивно збогување со 3-5-2 формацијата.
На голманската позиција и во одбраната се очекуваат 2 промени. Ромањоли и Калабрија би стартувале пред Абате и Мусакио. Гатузо сака да ја задржи константноста на средниот ред и таму повторно се очекува Монтоливо, заедно со Кеси и, после низа критики од наша страна, феноменалниот Џек Бонавентура.
Најголеми промени се очекуваат во нападот каде заедно со Сусо би стартувало неуморното и желно за докажување дуо – Андре Силва и Патрик Кутроне. Според сите нас ова е одличен потег и овој тандем со игрите и пожртвуваноста што ги покажува, особено Кутроне, дефинитивно заслужуваат повеќе минути и во Серија А.
Милан на овој натпревар мора да оди на победа, мора да покаже дека работата е тргната на подобрo и дека ова не е само моментален блесок. Затоа, искрено се надеваме на рутинирана победа без примен гол.
FORZA MILAN!