Тешки времиња за црвено-црното семејство ширум целиот свет. Иако Милан веќе неколку години се наоѓа во лоша состојба, надежите беа големи по доаѓањето на новите сопственици, како и на две познати лица во раководството на клубот, Леонардо и големиот Паоло Малдини. Пред репрезентативната пауза, тимот на Рино Гатузо се наоѓаше во солидна форма, успевајќи да врзе три победи по ред, две победи во италијаското првенство и една во рамките на Лига Европа. Што се случи по репрезентативната пауза, никој не може да објасни. Пораз во дербито со Интер, каде тимот буквално не прикажа ништо, и последниот сосема неочекуван пораз против Бетис во рамките на групната фаза од Лигата на Европа, каде тимот на Рино Гатузо беше убедливо надигран од страна на шпанскиот противник.
Како понатаму? Тоа е главното прашање кое си го поставуваат сите љубители на црвено-црниот дрес, а за кое одговор треба да има Џенаро Гатузо. Младиот тренер на клупата на Милан се наоѓа под огромен притисок, а медиумите веќе почнаа со шпекулациите дека наредните два натпревари, против Сампдорија и Џенова, ќе ја одредат судбината на Гатузо. Следниот противник на Милан, екипата на Сампдорија, не е воопшто наивна екипа и доаѓа во навистина незгоден момент. Екипата на Марко Џанпаоло се наоѓа на 5 позиција со импресивна статистика на мечевите на гостински терен, каде имаат забележано две победи, едно реми и само еден пораз. Најголема закана по голот на Џанлуиџи Донарума ќе биде францускиот интернационалец и поранешен член на екипата на Сасуоло, Грегори Дефрел, кој игра сјајно оваа сезона, успевајќи да постигне 5 гола на 9 натпревари. Вреди да се спомене и стариот лисец во дресот на Сампдорија, Фабио Кваљарела, кој имаше неколку фантастични настапи оваа сезона и запиша 2 гола и 4 асистенции.
Од друга страна, Рино Гатузо нема проблем со повредени играчи (освен веќе подолго повредените Стриниќ и Конти), но има проблем со мотивирање на тие играчи. Покрај тоа, некои медиуми шпекулират можна промена на формација и започнување на натпреварот со двајца напаѓачи, односно формација 4-4-2, додека пак други медиуми споменуваат формација со тројца играчи во одбраната. Овие шпекулации можеби не се 100% точни, но говорат една многу важна работа – Рино Гатузо се обидува да внесе некаква промена.
На прес-конференцијата пред натпреварот, тренерот го спомена Лаксалт и неговата брзина, пробивност и успешноста во дуелите еден-на-еден, па од таму многу медиуми тврдат дека токму Лаксалт ќе се најде во првиот тим, но не на левата бековска позиција, туку во средниот ред, односно левата крилна позиција во формацијата 4-4-2. За очекување е средниот ред да го комплетираат Лукас Биглиа, Џек Бонавентура и шпанецот Сусо, а на клупата за резерви да останат недоволно опоравените Хакан Чалханоглу и Франк Кеси. Одбраната би требало да се врати на својот стандарден изглед оваа сезона, тандемот Ромањоли-Мусакио помогнат од страна на Родригез и Калабрија. За нападот, тренерот Гатузо нема многу избор, со оглед на фактот дека има само двајца напаѓачи на располагање, па од таму се очекува за прв пат оваа сезона да ги видиме Гонзало Игуаин и Патрик Кутроне од почетокот на натпреварот.
Иако за Милан има уште многу мечеви за играње оваа сезона, за Рино Гатузо овој натпревар (како и натпреварот со Џенова) се можеби последната шанса за спас на неговата тренерска кариера во Милан. За Рино, ова е шанса да му покаже на светот дека сепак, и покрај сите претходни киксови и потешкотии, има што да понуди како тренер. За него, ова е шанса да покаже дали е тренер за високи дострели или сепак само еден просечен тренер. За Рино, ова е да се биде или не!