Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Милан е пред големо искушение вечерва. Гатузо и екипата пристигнаа во Лондон со сериозна негатива од Сан Сиро. Два примени гола на домашен терен, без постигнат и едно од побледите изданија на тимот, можеби и најбледото откако Гатузо ја превзеде екипата. Беше очигледно дека пристапот во натпреварот минатата недела беше комплетно погрешен. Да тргнеме од неоправданото потценување на Арсенал, од страна сите инволвирани околу клубот, најмногу од навивачите. Се стекна впечаток дека Милан имал солидна ждрепка кога го доби Арсенал, а потценувачките тонови се засилуваа како се продлабочуваше резултатската криза на англичаните. Кога на тоа ќе се додаде и самодовербата која постојано растеше во Милан, донекаде за очекување беше манифестацијата на незаинтересираност и недоволна фокусираност, особено во првото полувреме. Но, тоа никако не смее да биде оправдување или уште помалку, да се опише како професионално однесување на екипата.

Откако поразот се случи, интересно беше да се набљудува атмосферата на екипата во овие седум дена. Тоа што изненади е фактот дека не слушнавме или прочитавме ниту една единствена изјава во која може да се препознае помирување со елиминација од ЛЕ. И покрај тоа што негатива од два гола во пресрет на гостување кај екипа од рангот на Арсенал е огромен залак и би било големо изненадување ако Милан успее да анулира тоа што Арсенал го стекна во Милано. Пресот на Рино и Сусо вчера не звучеше неоправдано оптимистички, но уште помалку звучеше како играчите и тренерот да се спремни за елиминација. И тоа е одлично да знае, затоа што истата таа екипа страдаше од кусок на самодоверба долго време наназад.

Одговорот против Џенова во неделата беше соодветен на нашите желби, но во исто време и на реалноста. На желбите, бидејќи остваривме исклучително важна победа која уште повеќене доближува до она што до скоро го сметавме за недостижна цел. На реалноста, затоа што Милан не беше доминантен, туку помалку изцрпен и не толку креативен. За среќа, Андре Силва конечно стрелаше прецизно во лигата и бајката продолжи.

Победата од Мараси донекаде ќе го одреди и пристапот на Милан вечерва. Позитивниот набој од неделата сигурно придонесе да се подзаборави на поразот и ментално поспремно да се дочека реваншот. Сепак, Гатузо нема да биде без проблеми на Емирати вечерва. Калабрија не е помеѓу повиканите, а тоа значи дека ќе бидеме без вистински десен бек. Има две опции: да се импровизира со Борини, што нема да биде првпат или да таа позиција да ја заземе некој од играчите што поприродно од Борини би можеле да застанат таму – Запата или Мусакио. Вториот избор на Рино ќе се сведе на формацијата. Деновиве гласно се коментираше дека тој се одлучил и испробувал формација со двајца напаѓачи. Тоа значи дека изборот би паднал на 4-4-2, што всушност ја прави поставеноста поофанзивна, заради фактот што крилните позиции би ги завзеле Сусо и Хакан/Бонавентура. Во тој случај, Кеси и Монтоливо би требало да ја пополнат средината. Најнеизвесно е во нападот. Од една страна, Андре Силва е свеж, но и (се надеваме) ослободен по уривањето на бариерата. Од друга, Кутроне е најдобриот стрелец во екипата и на Милан вечерва ќе му треба неговата неуморност. Од трета страна, тука е Калиниќ. За Калиниќ не постои ниту еден аргумент зошто би требало да стартува, но ете, тоа се случува многу почесто отколку што неговата ефикасност, залагање и квалитет дозволуваат.

Каков и да биде изборот на Рино, јасно е дека на Милан му треба ран гол. Идеално, некаде до 30-тата минута. Тогаш натпреварот би добил тек каков што ќе му одговара на тимот. Арсенал ќе ја изгуби комоцијата и најверојатно ќе се повлече. Би било лошо ако по 60-70 минути игра, Милан се уште брка два гола негатива, затоа што тоа дефинитивно ќе делува на перформансот со Киево во лигата во недела. А тоа, реално гледано, би требало да е првиот фокус на клубот во моментов. Залакот е голем, противникот силен, но ние сме Милан и никогаш не се предаваме. Ние веруваме!

FORZA MILAN!!!