Многумина го оценуваат Купот на Италија како набрзиот и најлесниот начин до трофеј во сезоната. За првото би се сложил без дилеми – со само 5 натпревари до пехарот. Но за леснотијата на Купот и не сум баш убеден, пред се заради фактот што натпреварите од Купот се играат секогаш помеѓу две првествени кола, а тоа знае да направи проблеми, особено за екипа како Милан, без предолга клупа. Милан веќе со години не го крои својот состав за борба на три фронта. Далечни се времињата кога заради сериозноста на Лигата на Шампиони како натпреварување, Милан имаше квалитетна и екстензивна клупа. Сепак, Гатузо како тренер, па ни како играч, не е човек што тактизира и калкулира. Така, од првиот натпревар во Копа Италија со Верона, па се до вечерашниот, Рино оди на победа, со најсилниот достапен состав.
Токму тоа се најавува и за вечерва. Иако клубот со себе на патувањето во Рим го поведе целиот расположлив играчки кадар, најавите се дека ќе стартуваат оние со кои Милан ја градеше успешната серија во последните два месеци. Со оглед на долгиот престој во Рим, најпрво за првенствениот натпревар со Рома во неделата, па денешниот со Лацио, на списокот патници се играчи на кои помалку сме заборавиле. Одуамади, Хуан Маури, Мастур… Некој ќе рече туристичка прошетка за нив, друг ќе рече дека на тој начин Рино дополнително го билда тимскиот дух. Како и да е, никој од нив вечерва нема ни да се приближи до клупата, а камоли до тревникот на Олимпико.
За разлика од нив, тимот што ја победи Рома во неделата скоро во целост се очекува да стартува и вечерва. До предмалку имаше најави дека Калиниќ ќе биде напаѓачот во формацијата на Гатузо, но според Скај Италија, тој сепак не е доволно спремен и Кутроне најверојатно одново ќе добие шанса. Тоа би значело идентичен стартен состав како во неделата или подетално: Хакан и Сусо на крила, Џек, Кеси и Биглиа во средината, Родригез и Калабрија на бековските позиции и Лео и Ромањоли како стопери. Секако, со Џиџо на голот.
Дека пласманот во финалето на Купот и борбата за трофеј не е секундарен интерес, покажува ангажманот и фокусираноста на клубот. Но, тоа очигледно не е единствениот мотив. Според информации на дел од италијанските медиуми, клубовите што ќе играат во големото финале во Рим, ќе заработат помеѓу 5 и 8 милиони евра. Со оглед на напорите на менаџментот на клубот за подобрување на финансиската состојба, која патем речено, значително е подобрена, оваа сума и тоа како делува примамливо. Поточно, поразениот во финалето ќе добие помеѓу 5 и 6 милиони евра, додека победникот околу 8 милиони. Овие средства доаѓаа од приходите на самиот натпревар (влезници, тв права, премии на федерацијата, итн).
Милан вечерва дефинитивно ќе атакува на ново финале во Купот. Резултатот од првиот натпревар е поволен, така што еден гол во мрежата на Стракоша ќе се брои како два. После првиот гол, секоја варијанта на реми ќе го однесе Милан во финалето. Милан има расположени напаѓачи и креативен среден ред. Милан е во страшна форма и ќе биде како во бајка ако успее да обезбеди уште еден значаен позитивен резултат. Па така наелектризирани, момците да го дочекаат градското дерби во недела. Росонери, одиме во финале!
FORZA MILAN!