Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Петлињата на Рино ја совладаа волчицата! Клише наслов, но наслов кој најдобро ја отсликува ситуацијата по последниот свиреж на Олимпико. Со нов гол на момчето кое веќе и официјално е прв избор за напаѓач на Милан сезонава и со прв гол во професионалната кариера на десниот бек на Милан кој до пред само неколку месеци неретко беше користен за потсмев. Истото тоа момче по повредата на Конти се претвори во сосема сосема солидна опција (најчесто) по десната аут линија, а по доаѓањето на Гатузо се претвори во вистински бел Кафу! Практично играчите кои синоќа ја решија Рома на Олимпико се деца кои пред 2 месеци наполнија 20, односно 21 година! Освен нив, во истовреме на теренот имавме голман од 19 години, централен дефанзивец од 23 и везњак од 21 година! Всушност, доколку се иземат капитенот Бонучи и Биглиа (30+) и Џек кој има 28 години, во тимот кој синоќа ја доби Рома на Олимпико, немавме играч постар од 25 години! Let that sink in!

Многу далечни изгледаат времињата кога некои милуваа да кажат пензионерски клуб Милан.

Првото полувреме синоќа помина во изедначена игра во која во поголемиот дел ние се обидувавме да наметнеме наш стил на игра и да играме на противничката половина. Последните 10-тина минути од првиот дел поминаа во иницијатива на домаќините и тука имавме некои помалку панични ситуации. И тогаш дојде време за half time speech на Рино во соблекувалната!

Вториот дел беше сосема друга приказна. Стабилноста во дефанзива од поголемиот дел на првото полувреме беше само удвоена а потоа кога момците знаеја дека грбот им е сигурен, беше многу полесно за напад. Луѓе, Милан секој следен меч има се понезгодни контри и полуконтри. Начинот на кој се трансформираме од дефанзива во офанзива е милина за гледање. После секоја одземена топка на работ од нашиот 16-ник веќе имаме најмалку 3 различни опции за повлекување во контра, по двете страни. Нешто слично се приметува и кога Џиџо ќе ја фати топката во раце.

Кога сме кај него, забележливо е дека сега веднаш бара простор за повлекување контра. Тоа му беше слаба точка пред доаѓањето на Гатузо (ако се сеќавате, имаа дијалог за време на еден од првите натпревари баш на оваа тема). А како изгледаат полуконтрите и контрите? Топката најчесто стигнува до Биглиа, а тој има милион опции. Кеси повлекува напред, десно се отвора Калабрија, а лево Џек. И потоа почнува дуплирање на двете страни (десно Калабрија со Сусо, а лево Џек со Чалканоглу). Во истовреме, додека настанува тоа преклопување по страните, Кеси влегува централно. И тогаш почнува циркус за противничките одбрани. Така и беше постигнат вториот гол.

Синоќа Кеси го стави во џеб Наинголан кој мораше да биде заменет по само 1 час игра! Целиот среден ред одигра перфектно особено во делот на неутрализација на Стротман, Наинголан и Пелегерини. Таму и го добивме мечот! Кога сме кај неутрализација, освен голот со перфектна завршница, Калабрија беше брилијантен во дефанзива. Пероти воопшто не успеа да помине по таа страна. Нешто слично и Ундер од спротивната страна. А кога веќе беа отсечени крилата и уфрлувања од втор план на везњаците, Ил Капитано и Ромањоли (кој во континуитет пружа партии на ниво на најдобар европски дефанзивец) немаа поголеми проблеми со Шик. Одлична партија момци! Одлична партија момчиња!

И за крај, верувам дека сите ние му должиме едно извинување на овој човек!

Кој не веруваше дека ова ќе биде уште една изгорена поранешна фудбалска легенда, нека го фрли првиот камен. Човекот дојде на мала врата кога вриеше во Милан. Од клупа на Милан Примавера и претходно полупрофесионално искуство во втора, трета лига во Италија и места како Швајцарија и Грција. Дури и најголемите оптимисти и поддржувачи на клубот (и негови лични поддржувачи) потсвесно чекаа да се појават тие 2-3 негативни резултати за да покажат со прст кон него и да поентираат дека сепак тој е привремено решение и ни треба „искусен тренер со поголемо педигре“. Човекот знае само за работа! И не, не е само „гринта“ во прашање! Има технички промени кои се приметливи со голо око а кои ги немаше со претходниот кормилар. Ако некој прави нешто со срце и со душа, тоа е Рино! Човекот уште е на платен список на Примавера. Човекот кој на својот клуб му донесе најдобри резултати во Калчо во 2018 година, 1/8 финале од ЛЕ и полуфинале од Копа Италија, сè уште заработува смешни 10.000 евра месечно. Пола од платата на неговиот бугарски колега на клупата на Лудогорец!

И за оние кои сè уште бараат „искусен тренер со поголемо педигре“ и се крстат во Конте… Го почитувам Конте и неговите успеси но наведете ми една разлика во почетоците на тренерската кариера на Конте и Гатузо. I’ll wait…

Forza Ragazzini! Forza Rino! Forza MILAN!!!