Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

По завршувањето на репрезентативната пауза, фудбалскиот фокус се насочува кон националните првенства, а Милан го започнува пеколниот период токму против актуелниот шампион на Италија, Јувентус.

За момците на Рино Гатузо претстои еден исклучително тежок период, каде покрај Јувентус, ќе треба да го одиграат и одложеното Дерби против Интер, а потоа и мечеви против Сасуоло и Наполи на Сан Сиро. За среќа, репрезентативната пауза не донесе некакви посериозни повреди во тимот на Милан, па Рино Гатузо ќе ги има на располагање сите свои играчи, освен Конти и Абате, кои се повредени на подолго време. Од тука, за очекување е Милан да настапи со својот стандарден тим, со кој успеа да ги изненади Рома и Лацио во Рим.

Позицијата на голот е резервирана за младиот Донарума, а пред него, одбраната ќе ја сочинуваат Калабрија и Родригез по бековските позиции и тандемот Ромањоли-Бонучи во срцето на одбраната. Триото Кеси-Биглиа-Бонавентура ќе биде моторот во тимот и можеби клучната алка во овој натпревар, каде што токму таму ќе се одвива најголемата битка на овој натпревар. Крилните позиции ќе бидат главната игла во нападот на Милан, каде за очекување е да настапат турчинот Чалханоглу, кој имаше добар настап за својата репрезентација и забележа една асистенција, и шпанецот Сусо. За нападот, тренерот Гатузо изјави дека има најмногу дилема, бидејќи добрите игри на Кутроне и Андре Силва му создаваат доста главоболки околу неговиот избор. Медиумите шпекулираат со разни имиња, па од тука сметам дека само Гатузо знае кој ќе го предводи нападот против Јувентус.

Од другата страна, Макс Алегри има повеќе проблеми со селекција на стартните 11, бидејќи за овој натпревар нема да може да смета на стандардните Алекс Сандро и Марио Манџукиќ. За очекување е во тимот да се врати Џорџо Киелини, кој поради повреда ги пропушти мечевите во дресот на Италија.  Како партнер на Киелини, се очекува да истрча Бенатиа, левата бековска позиција е резервирана за Азамоа кој треба да го замени повредениот Алекс Сандро, а за десната бековска позиција ќе конкурираат Лихтштајнер и бившиот росонер, Матиа Де Шиљо. Во средниот ред се очекуваат стандардните Кедира, Пјаниќ и Матуиди, а нападот е ќе го комплетираат Дибала, Игуаин и Даглас Коста.

Овој натпревар е од огромно значање и за двете екипи. Милан, во оваа 2018 година влезе многу моќно и до сега нема забележано пораз во Сериа А и има реални шанси за 4та позиција која води во Лигата на Шампионите. Од друга страна, Јувентус е во мртва трка со Наполи за титулата, па нема простор за грешка во вечерашниов натпревар, со оглед на фактот дека Наполи има не толку тешка задача на гостувањето против Сасуоло.

Во Милан владее позитивна атмосфера, што можеше да се забележи од интервјуата на неколку стандардни првотимци, како и од самата прес конференција на Рино Гатузо. Едно е јасно, ако сакаме победа против вака силен противник, мора да се сведат грешките на минимум и да се искористат максимално шансите во нападот, бидејќи секоја промашена шанса значи чекор подалеку од толку посакуваниот успех. Момците на Рино Гатузо мора да функционираат како еден, мора да работат напорно како тим и само така може да се стигне до победа во Торино. Иако во изминативе неколку години, победа во Торино звучеше многу тоа сепак е далеку од невозможно. Впрочем, токму нашиот сегашен тренер, Рино Гатузо, во сезоната 2010/2011 успеа да покаже и докаже дека победа во Торино е итекако возможна!