Милан загуби против Јувентус со резултат од 3-1 и со тоа го забележа првиот пораз во 2018 година. Момците на Рино Гатузо прикажаа квалитетна игра и доминираа во поголемиот дел од натпреварот, но на крајот искуството беше пресудно. По натпреварот, Гатузо пред новинарите даде свое видување за самиот меч.
Одигравме добро, но резултатот не ја дава реалната слика за нашето издание. Овој натпревар ме потсеќа многу на натпреварот против Арсенал во Лондон. На физички план, ние не сме како нив. Имаме квалитетни играчи, но во овој момент ние сме далеку од физичката подготвеност на Јувентус. Тоа беше одлучувачки момент на денешниот натпревар. Беше добар натпревар, да, но јас не можам да бидам задоволен бидејќи на крај останува резултатот 3-1. Никој нема да се сеќава на нашата добра игра. Среќен сум со нашата игра, но поразот ме боли. Ме боли мене и треба да ги боли сите, бидејќи во спротивно никој нема да стане голем играч ако е задоволен со ова. Второто полувреме против Јуве? Кога играчи како Даглас Коста и Хуан Квадрадо ќе влезат во игра, треба да бидеш перфектен како екипа. Жалам што не ги искористивме подобро нашите шанси. Дали измените го сменија натпреварот? Кога во 70та минута играш против играчи како Коста и Квадрадо, мора да си во врвна физичка подготвеност.

Чалханоглу? Јас бев многу лут кога тој ја загуби топката и почна да се расправа. Загубивме колективно, имавме добра игра но не победивме и ќе мора да се подобриме. Андре Силва? Задоволен сум од него, имаше неколку грешки на почетокот но подоцна заигра подобро. Кутроне? Тој имаше настап со репрезентацијата, па од таму според мене Силва и Калинич беа во подобра состојба. Изданието на Бонучи? Не беше само он, туку целиот тим играше со карактер. Го видов Милан кој одига како вистински фудбалски тим, но чувствувам дека треба да го покачиме критериумот и да одиграме уште подобро. Доста беше со жалење на теренот, треба да се бориш и да го дадеш максимумот.

Дербито? Исклучително важен натпревар. Сега треба да мислиме само на одмор, а потоа ќе се подготвиме за Дербито на најдобриот можен начин. Треба да гледаме напред, а овој пораз пече. Ако не победиш после вака добро издание, тогаш е уште потешко, па затоа мора да работиме на нашите маани. Трката за пласман во Лигата на Шампионите? До пред три месеци, беше незамисливо дека може да конкурираме за место кое води во Лигата на Шампионите, па затоа мора да ја повратиме силата и да се фокусираме на Дербито. Знаеме дека Интер е во добра форма, па ќе видиме кој ќе победи во среда.