Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Црвено-црната армија на Рино Гатузо не размислува да застане! По помалку неубедливата победа против Сасуоло минатото коло, Милан му гостува на веќе отпишаниот Киево, во борба за задржување на 3та позиција и одлична атмосфера пред дербито со Интер наредното коло. Момците на Рино Гатузо се 9 натпревари без пораз (во сите натпреварувања), и при тоа Милан е тимот со најмалку примени голови од топ 5 лигите во Европа!

Матео Мусакио и Алесио Ромањоли го прославуваат победничкиот гол на Ромањоли на натпреварот Милан-Џенова, 31 октомври 2018

КИЕВО

Следниот противник на Милан е екипата на Киево, која се наоѓа на последното место на табелата и речиси е второлигаш. Екипата на Доменико Ди Карло се наоѓа во лоша серија од 7 натпревари без победа, бележејќи 5 порази и 2 нерешени резултати. На тоа треба да се додаде и навистина лошата традиција кога играат против Милан. Црвено-црните од Милано имаат серија од 24 натпревари без пораз против екипата на Киево, бележејќи 21 победа и 3 нерешени резултати, со фантастична гол-разлика од +39!

Патрик Кутроне по постигнување на гол на натпреварот Милан – Киево, 18 март 2018.

 

МИЛАН

Во пресрет на овој натпревар, Рино Гатузо нема поголеми проблеми при составување на својот тим. Според медиумите, најголемата дилема кај стратегот на Милан ќе бидат позициите на Рикардо Родригез, Тиему Бакајоко и Хакан Чалханоглу. Имено, според медиумите, Рино сака да ги одмори овие играчи, се со цел да бидат спремни и подготвени за големото дерби против Интер, кое е на програмата веќе во следното коло. Како замена за горенаведените играчи, се шпекулираат имињата на Диего Лаксалт, повратникот Лукас Биглиа и Фабио Борини.

Според Газета дело Спорт, можни состави за натпреварот Киево – Милан

Останатиот дел од тимот, се очекува да биде истиот од натпреварот против Сасуоло. На голот стандардно ќе се најде Џиџо Донарума, кој поради својата фантастична партија против Сасуоло, беше избран во тимот на неделата од страна на EA SPORTS FIFA19. Одбраната би требало да ја сочинуваат веќе стандардните Алесио Ромањоли, Матео Мусакио, Давиде Калабрија и гореспоменатиот Диего Лаксалт. Во средниот ред, покрај повратникот Лукас Биглиа, се очекува да стартуваат Франк Кеси и Лукас Пакета. На крилните позиции, покрај Борини ќе се најде и стандардниот Сусо, кои ќе му бидат директна поддршка на Кшиштоф Пјонтек во нападот.

 

Битката за пласман во Лигата на Шампионите се вжештува, Милан го превзема 3то место од Интер и сега ќе биде уште повеќе тешко да се задржи тоа место, па затоа натпреварот со Киево е од исклучително значење. Не се само битни 3те бода од тој натпревар, туку и позитивната атмосфера во тимот пред големото дерби против Интер. Можеби токму овие два натпревари, гостувањето во Верона и дербито со Интер, ќе ја дефинираат финалната позиција на Милан оваа сезона. Можеби со овие два натпревари, Милан конечно, после подолго време, ќе обезбеди пласман во најелитното натпреварување во Европа. Затоа, секогаш и секаде, Forza Milan!