Уште еден квалитетен натпревар и уште еден негативен резултат на Милан, во рамките на Интернационалниот Шампионски Куп во Соединетите Американски Држави. Момците на Рино Гатузо и покрај добрата игра, загубија од екипата на Тотенхем со конечен резултат 1-0. Сепак, можеме да бидеме задоволни од интензитеот и желбата за надигрување, како и бројот на креирани шанси. По натпреварот, од страна на МиланТВ беа интервјуирани Сусо и Франк Кеси, кои проговореа за самиот натпревар.
СУСО
Мислам дека одигравме многу подобро во однос на претходниот натпревар против Манчестер Јунајтед. Тие (Тотенхем) се навистина добро организирана и физички силна екипа, но мислам дека одигравме добар натпревар, одигравме навистина позитивно прво полувреме. Имавме добри шанси за гол, но на крај не успеавме да реализираме. Нашата физичка подготвеност? Мислам дека сме во добра состојба, тие ги започнаа своите подготовки пред нас, па така логично е да се пред нас, но јас не забележав голема разлика помеѓу двете екипи. Има простор за напредок, но не можам да кажам дека игравме слабо. Кутроне? Сите го знаеме Кутро, нема што да се каже. Се уште има време за напредок, особено од аспект на физичката подготвеност.
ФРАНК КЕСИ
Одигравме добар натпревар но ние можеме многу подобро од ова, мора да почнеме да победуваме во натпреварите. Повеќе голови оваа сезона? Би сакал да постигнувам повеќе голови оваа година, но јас пред се се прилагодувам на системот на тренерот. Играм како лев играч за врска и секогаш треба да помагам во нападот. Со Чалханоглу во средниот ред, јас треба да трчам повеќе отколку кога играм со други, бидејќи тој не е навикнат на ваквиот начин на работа, а јас треба да му помогнам на теренто и да трчам повеќе. Коментарите на Мусакио и Андре Силва? Во еден тим, секогаш треба да има некој кој ќе се забавува и ќе ги забавува останатите.