Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Четврток е ден за Лига Европа и европски фудбал. Во рамките на второто коло од групата ‘Ф’, екипата на Милан ќе се соочи со екипата на Олимпијакос. По трите нерешени мечеви во италијанската лига, Милан забележа исклучително важна победа против екипата на Сасуоло, победа која донесе самодоверба пред вечерашниот натпревар во Лига Европа. Традиционално, како и пред секој натпревар, тренерот Рино Гатузо говореше пред медиумите на неколку теми, а во продолжение ќе ви пренесеме дел од неговата изјава.

 

Мечевите во Европа и оние во лигата се сосема различни, во Сериа А акцентот е ставен на тактичкиот дел, додека пак во Лига Европа фокусот е на брзината на играта. Во изминатите 20 години, Олимпијакос има освоено 18 титули, тие имаат играчи со големо искуство, играат убав фудбал и се напаѓачки тим со победнички менталитет.

Рино Гатузо на тренинг во Миланело, 2018 година

Многу играчки збореа за победата против Сасуоло како момент за пресврт во сезоната, а ние мора да фатиме резултатски ритам. Ние сме една квалитетна екипа, само треба да поработиме на психичкиот дел, како и подобрувања во одредени аспекти од нашата игра. Ротација во тимот? Ќе има измени.. единствен недостапен за селекција е Матиа Калдара. Ќе направам некои измени, но не како на мечот против Дуделанж.

Франк Кеси во моментот на постигнувањето на својот гол на натпреварот Сасуоло-Милан, 30 септември 2018

Квалитетот на групата? Се сложувам со тренерот на Олимпијакос, Бетис игра одлично, Олимпијакос е тим со победнички менталитет, а ова е дефинитивно група со квалитет на Лигата на Шампионите. Што очекувам од нашите противници? Тие играат формација 4-2-3-1, но многу често знаат да променат во 4-2-4. Тие се многу опасни во фазата на напад, имаат брзи играчи и се тим кој сака да игра фудбал. Ние треба да бидеме многу внимателни.

Играчите на Милан на последниот тренинг на Миланело пред натпреварот со Олимпијакос, 3 октомври 2018

Дали можеме до финале? Нашата првична цел е да се помине оваа група. По тоа, ќе видиме каде можеме да стигнеме. Во соблекувалната, никогаш не викаме ‘оваа година ќе освоиме‘. Постојат многу компоненти кои треба да се задоволат за да може да се освои вакво натпреварување, а еден од тие компоненти е малку среќа во самата ждрепка. Потешкотии при финиширање на нападите? Не ми е јасно зашто ги имаме овие потешкотии. Знам дека ако играме компактно како тим, тогаш играме квалитетен фудбал. Ми се чини дека оставаме голем притисок врз средниот ред во одредени ситуации, па се случува и кога ќе постигнеме четири гола, да примиме гол. Ние мора да се подобриме во тој дел.

 

Џек Бонавентура, Саму Кастиљехо и Хакан Чалханоглу во прегратка по голот на Кастиљехо на натпреварот Сасуоло-Милан, 30 септември 2018

Чалханоглу? Тој е навистина важен играч за нас, мора да работи напорно и смирено, не треба да се нервира кога ќе згреши. Грешките се составен дел од фудбалот и ретки се играчите кои никогаш не згрешиле. Хакан не треба да мисли на грешките, тој мора да биде смирен бидејќи ја има нашата доверба. Играта на Кастиљехо како ‘лажна деветка‘? Ако играме со напаѓач, ако немаме проблеми со повреди, тогаш Патрик или Игуаин ќе бидат мојот избор. Кастиљехо е добар во ситуациите кога ни е потребно да се рашири играта, тој се жртвува себеси и настапува со голем ентузијазам и брзина. Тој е играч кој може да игра и како втор напаѓач, има интересни карактеристики и може да ни понуди повеќе солуции.

Гонзало Игуаин, Алесио Ромањоли и Саму Кастиљехо на тренинг во Миланело, 2018 година

Потенцијален прв старт за Кутроне во новата сезона? Ќе видиме. Патрик беше пример во изминативе две недели, тој се уште не е 100% фит, но ако разговарате со него тој ќе ве убедува дека е баш спротивното. Потребна е евалуација за многу работи. Јас не сум доктор, тренерот треба да им верува на своите играчи но играчите често лажат бидејќи сакаат да играат. Премногу пати јас лично сум го лажел мојот тренер дека сум спремен за игра иако тоа не било вистина. Затоа мора да бидеме внимателни.

Златан Ибрахимовиќ и Џенаро Гатузо во дресот на Милан, 2011 година

Дали се точни шпекулациите за враќање на Ибрахимович во јануари? Денес (03.10.2018) е неговиот роденден па би ја искористил оваа прилика да му го честитам роденденот и да му посакам здравје. Јас можам да зборам само за играчите кои ги имам во мојот тим, за се останато треба да ги прашате Малдини, Леонардо и Скарони.