Момците на Рино Гатузо забележаа тежок пораз во финалниот натпревар од Купот на Италија, каде беа совладани од Јувентус со тежок резултат од 4-0, резултат кој воопшто не ја отсликува вистинската ситуација на теренот. По натпреварот, тренерот Гатузо проговори за Milan TV.
Започнавме добро, бевме фокусирани, но направивме грешки, примивме гол, по што направивме уште грешки. Се случува, тоа е фудбалот. Сепак, тимот го стори она што можеше да го стори. Крајниот резултат не ја раскажува целата приказна бидејќи ако се потсетиме на првото полувреме, ние креиравме големи шанси за гол, како онаа на Кутроне, додека пак они немаа толку многу шанси: ударот со глава на Манџукич и шутот на Дибала, освен тоа не можам да се сетам на ништо друго. Игравме добар натпревар, но нашите грешки не казнија и како што реков – ова е дел од играта.Ова не е ништо ново, Јувентус секогаш ти дава чувство дека можат да те нокаутираат во секој момент, поради типот на играчи кои ги имаат и нивниот менталитет. Не е никаква случајност што победуваат сите овие години. Имаме долг пат пред нас, мораме уште многу да работиме за да го достигнеме нивното ниво.
Убеден сум дека сме на вистинскиот пат. Имаме навистина млад состав. Како што реков и претходно, не можеш да купиш искуство. Искуството е нешто што се креира преку ваквите натпревари, преку тешки лекции, играјќи добро. Ова е факт, оддамна Милан немал вака млад состав, со толку млади играчи во стартниот тим. Тие се способни да одиграат квалитетен фудбал и денес го забележавме тоа, кога ја имавме топката во нашиот посед. Сепак, повторувам, денес ја имаме основата за да започнеме со градење на нешто важно и за тоа е потребно време. Нема да купуваме многу играчи секое лето, наместо тоа, треба да им веруваме на овие момци и да продолжиме да работиме напорно бидејќи тие поседуваат голем квалитет и одличен менталитет.
Преостанатите натпревари во лигата? Ќе играме против две исклучително силни екипи. Од една страна, тука е Аталанта која секогаш ни задава маки, поради нашето локално ривалство. Од друга страна, тука е Фиорентина, која игра одлично и ќе биде навистина тешко. Денешниот пораз навистина гори. Гори бидејќи загубивме, гори бидејќи примивме четири гола, бидејќи 25-30 илјади дојдоа да навиваат за нас и сите останати низ целиот свет, кои го поддржуваат Милан. Сепак, мора да гледаме напред, да се соочиме со нашите проблеми и да најдеме вистински начин да ги решиме.
По четвртиот примен гол, се плашев дека можеме да загубиме и многу пострашно, бидејќи кога ќе се соочиш со вака силен противник, ова е тоа што се случува. Сепак, момците се трудеа и креираа три или четири шанси за гол.. Ние го игравме натпреварот како што сакавме но немавме среќа во одредени моменти. Направивме грешки, но како што кажав, тоа е дел од фудбалот. Навистина сакавме да победиме, играчите, јас, мојот стручен штаб и фановите. Ова не беше добра вечер за фановите на Милан.