Во пресрет на големото финале, тренерот Гатузо и капитенот Бонучи ја одржаа прес-конференцијата за новинарите на Олимпико во Рим, каде Милан ќе се сретне со Јувентус во рамките на Купот на Италија. Како за промена, капитенот Бонучи беше тој кој ја отвори оваа прес конференција.
Се надевам дека ќе одиграме еден одличен натпревар и ќе го донесеме трофејот дома. Возбуден сум за ова финале бидејќи ќе играме против најсилниот тим во Италија. За да ги победиме нив, мора да бидеме цврсти и особено смртоносни во нападот, мора да ги искористиме сите шанси. Ова е многу важен натпревар за Милан, јас сум сигурен дека ќе го дадеме својот максимум. Да играш финале е секогаш специјално чувство. Милан заслужува да игра ваков тип на натпревари, поради својата историја, менаџментот и своите фанови. Јас сум многу самоуверен кога се работи за мојот тим, знам дека ќе одиграме одличен натпревар.

Голот против Јуве? Тоа беше едно лично задоволство. Во изминатите години, јас секогаш постигнував важни голови, 5-6 гола по сезона. Јас сум навикнат на тоа, а оваа сезона имам постигнато само два гола. Но, приоритет е тимот и јас навистина сакам да го освојам својот прв трофеј во дресот на Милан. Сите позитивни циклуси започнуваат со победа. Се надевам дека победата во овој меч ќе биде пресвртциа и ќе започнеме да остваруваме големи нешта.

По зборовите на капитенот, тренерот Гатузо одговараше на прашања на новинарите и даде свое видување за престојниот натпревар со Јувентус.
Подготвувајќи се за финале како тренер е навистина различно. Кога бев играч јас често правев многу чудни работи, бев многу суеверен и се обидував да ги правам работите на мој начин. Работите се тотално различни сега, како тренер. Гледаш видеа и го анализираш противникот, одиш да спиеш и тогаш си мислиш ‘го имам целиот живот за спиење’, па се враќаш назад да гледаш уште видеа. Чувствувам голем притисок, поради нашите милионски фанови, поради моите играчи и сите блиски луѓе кои ме сакат и ми мислат добро. Ова е најважниот натпревар во мојата кариера како тренер. Да се надеваме дека се ќе биде во најдобар ред.
За да го победиш Јувентус, потребно е да бидеме исклучително фокусирани. Даглас Коста и Квадрадо често дриблаат и со тоа креираат бројчана предност на својата екипа. Потребно е да ги удвојуваме нив во таквите ситуации. Уште од времето кога бев играч, јас секогаш мислев дека они (Јувентус) имаат силен менталитет. Кога играчите го носат нивниот дрес, тие даваат се од себе на теренот. Од друга страна, понекогаш имам чувство дека нивните играчи воопшто не се испотени по натпреварот. Тоа кажува за колку силна екипа станува збор. Поради ова, ние мора да бидеме на висина на задачата и ако немаме доволно квалитет за тоа, мора да најдеме поинаков начин за да стигнеме до целта. Не е важно како, но секогаш може да се најде начин за да се дојде до победа.

Она што го прави Биглиа во последните 15на дена е навистина неверојатно, скоро и магично. Милан мора секогаш да има играчи како него. Тој направи буквално се за да може да биде достапен на тимот. Биглиа не е 100% фит но она што го стори во ови 15 дена мора да биде поздравено од сите во Милан. Сусо? Очекувам од него да биде голема помош за нас во нападот и одбраната. Знам дека многу бараме и очекуваме од него. Можеби, кога ќе имаме покомплетен тим, нема да има потреба да бараме толку многу да се жртвува за тимот, па ќе може да се фокусира повеќе на нападот. Сепак, во моментов ние имаме потреба од него и во одбраната. Против Верона, Сусо беше фантастичен. Да се надеваме дека ќе го покаже истиот квалитет и против Јуве.