По одличната победа на гостувањето во Џенова, момците на Рино Гатузо се пред нов предизвик – дуел против стариот познаник и легенда во црвено-црниот дрес, дуел против Карло Анчелоти и неговиот Наполи. Тренерот Гатузо говореше пред медиумите на традиционалната прес конференција, а во продолжение ќе ви пренесеме дел од неговите размислувања пред натпреварот со Наполи.
Во многу ситуации правиме грешки поради неискуството, но сепак, во моментов играме добро. Одигравме лошо прво полувреме против Џенова, но се подобривме во вториот дел. Истото се случи и на мечот против Јувентус. Ваквите натпревари, како овие два и како овој против Наполи, ќе ни помогнат да растеме како тим.
Анчелоти? Тој има огромни технички и човечки вештини, особено кога станува збор за ракводењето со тимот. Во 20 години играчка кариера, сум слушнал многу малку играчи кои збореле лошо за него. Јас и Карло имаме поминато многу заедно, и во одреден период од мојата кариера, нашиот однос беше како оној на татко и син. Тоа што сум јас денес е благодарение на него.
Сан Сиро секогаш ги почитува и им аплаудира на големите играчи. Кулибали е еден од најдобрите играчи на таа позиција. Доколку се случи некаква непријатност, знаејќи дека секогаш постои малцинство кое може да реагира на таков начин, би сакал да ги видам останатите 60 000 навивачи да аплаудираат. За да ги освоиме трите бода на мечот против Наполи, мора да одиграме на високо ниво. Се соочуваме со тим, кој на технички и тактички план делува застрашувачки.
Пјонтек? Тој е играч кој малку говори, нешто налик Робокап. Тој веќе ги покажа своите квалитети на тренинзите, делува физички силен, има желба за постигнување голови и може да биде агресивен во нападот. Ми се допаѓа, сигурен сум дека ќе биде од голема помош на овој тим. Пакета? Тој не е типичен бразилски играч. Не беше случајност тоа што стартуваше веднаш по доаѓањето во Милан, бидејќи забележав дека е навистина подготвен за настап.
Точно е дека Лајпциг се распрашуваа за Чалханоглу, но јас му кажав на клубот дека тој играч е од навистина важно значење за овој тим. Тој во ниту еден момент не беше ставен на трансфер пазарот. Кутроне? Во изминативе неколку недели, мислам дека сфати што точно му зборев, гледам промена кај него во 2019 година. Партнерство со Пјонтек? Двајцата се навистина квалитетни напаѓачи и во одредени натпревари, сигурен сум дека ќе ги видиме заедно во нападот.