Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Милан не успеа да го скрши 11 годишното проклетство и да освои три бода по првата интернационална пауза во сезоната. Момците на Рино Гатузо одиграа само нерешено 1-1 против екипата на Каљари, благодарение на голот првенец во Серие А на новото засилување на Милан, Гонзало Игуаин. Домаќините започнаа мотивирано и многу брзо ги притиснаа Росонерите, по што следеше и голот за водство. Во второто полувреме момците на Рино Гатузо почнаа да покажуваат дел од играта против Рома, но тоа не беше доволно за целосен пресврт. По натпреварот, свое видување за настаните на теренот даде тренерот Гатузо.

 

“Навистина е срамота да го започнеш натпреварот на тој начин, како што го започнавме ние во првите 20 минути. Доколку примевме и втор гол, немаше да успееме да се вратиме во натпреварот. Ние мора да ги решиме овие проблеми бидејќи нашиот однос во првите 20 минути беше катастрофален. Во второто полувреме почнавме да се бориме но тоа не беше доволно. Каљари заслужи да води 2-0 на полувреме и доколку се случеше тоа, натпреварот ќе беше сосема различен.”

Жоао Педро го прославува постигнатиот гол на мечот Каљари-Милан на Сардења Арена, 16 септември 2018

“Тимот? Во моментов јас и оние кои го водат овој клуб треба да им посочиме на играчите дека се квалитетни и силни, бидејќи многу од нив се уште не го сфатиле тоа. Критики за играта по вертикала? Се сложувам. Игуаин многу често се извлекуваше длабоко за да прими топка, а во првиот половина час не видов ниту еден играч од средниот ред да влезе во нападот наместо Игуаин. Потребно е да притискаме напред и да пробаме повеќе долги топки, не само со Биглиа. Игуаин е играч кој знае да ја држи топката и со тоа да му помогне на тимот, тој е играч кој им помага на нашите крила да играат широко.”

Гонзало Игуаин во прослава по својот деби гол во дресот на Милан, на мечот Каљари-Милан на Садења Арена, 16 септември 2018

“Средниот ред? Тие доаѓаат на 15-20 метри пред голот, но проблемот е во финишот. Чалханоглу одигра под очекувањата и тоа се случува често кога тој се враќа од настапите за својата репрезентација. Дали Милан може да биде ‘лекот’ за Јуве? Смешно е прашањето. Пред нас постои долг пат, тимот има потенцијал за да напредува и да биде посилен. Ако не успеваме да победиме во вакви натпревари, а јас лично сметам дека бевме среќни што успеавме да освоиме бар бод, тогаш навистина ми е смешно кога слушам како луѓето зборат дека сме втор или трет тим во лигата.”

Џенаро Гатузо на натпреварот Каљари-Милан на Сардења Арена, 16 септември 2018

“Ако успееме да се подобриме во одредени аспекти на играта, тогаш можеме да одиме далеку. Сезонава споредена со ланската? Јас сум роден пред време, па може да се каже дека сум се брзал уште кога сум бил во стомакот на мојата мајка. Среќен сум со комплиментите но ние мораме подобро да ги ‘читаме’ натпреварите и да го имаме вистинскиот пристап во натпреварот. Се подготвувавме за натпреварот, знаевме што не очекува а сепак во првите 20 минути се однесувавме спротивно на тоа што го подготвувавме. Ако сакаме да бидеме во врвот оваа сезона, ваквите работи се смее да се случат.”

Милан ќе се обиде да се опорави од киксот со Каљари веќе во четврток, каде ги чека гостување во Луксембург кај екипата на Дуделанж, во рамките на првото коло од групната фаза на Лига Европа.