Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Денес во Милано се одржа акционерско собрание на клубот, на кој присуствуваа извршните директори, а меѓу нив и Марко Фасоне. Фасоне ја образложи финансиската состојба на клубот за првите 6 месеци од 2017, како и идните планови.

Од финансиските извештаи се забележува загуба од работењето во висина од 32,6 милиони евра во периодот од јануари до јуни 2017. Тоа е мало намалување на загубата во споредба со истиот период во 2016 година, кога загубата изнесуваше 36 милиони евра. Потврдено е дополнително финансирање во износ помеѓу 49 и 60 милиони евра, со што би се покриле загубите за тековната 2017 година.

Фасоне одговараше и на прашања од малцинските сопственици на клубот. Особено интересни беа одговорите околу планот кој беше презентиран пред УЕФА, размислувањата за сопствен стадион, новиот технички спонзор, јануарското меркато и маркетингот на клубот.

“Иако се работи за рана фаза и први месеци откако новиот менаџмент го превзеде работењето со клубот, има подобрувања во неколку сегменти и тоа кај приходите, долгот на клубот и кај расходите за плати. Во третата година од работењето, се очекува клубот да работи без загуба, односно да биде на позитивна нула.”

“Презентиравме многу детален финанасиски и оперативен план пред УЕФА, за кој сме оптимисти дека ќе биде прифатен. Нашата цел е да го доведеме клубот до состојба да остварува профит и за тоа неопходно ќе биде да се зголемат приходите. Постои опција клубот за излезе на берза во 2020 година.”

“Клубот смета дека треба да има сопствен стадион на среден рок, односно да не го дели стадионот со друг клуб. Во моментов приоритет е Сан Сиро, кој исто така е и желба на градскиот ривал Интер. Во клубот се прават истражувања на оваа тема, а ставовите и преференците на навивачите исто така ќе бидат земени предвид.”

“Нов технички спонзор (дресови, опрема, итн) е веќе пронајден и договорот со нив е на маса. Милан ќе добие помалку средства во споредба со претходниот спонзорски договор со Адидас, но ние сме задоволни со условите во него. Договорот е особено добар во делот на бонусите и другите нефиксни приходи, каде износот е директно поврзан со спортските и комерцијалните успеси на клубот. Името на спонзорот и деталите од договорот ќе бидат објавени на почеокот на 2018 година. И други спонзорски договори се преговараат и ќе бидат објавени во следните неколку месеци.”

“Милан најверојатно нема активно да се вклучи во јануарскиот преоден рок, освен ако не се јави вистинска потреба за таква интервенција.”

“Клубот планира и работи на подобрување на маркетингот и промоцијата на брендот Милан. Се работи на зголемување на сопствената продукција на медиумски содржини и емисии поврзани за клубот, нешто слично на примерот со Јувентус.”