Головите во последните моменти од натпреварот станаа специјалитет за младиот Патрик Кутроне, кој по головите против Ријека и Интер, синоќа постигна гол во последните моменти на натпреварот против Рома, кој беше пресуден и ги донесе првите 3 бода во новата сезона. По мечот, младиот Патрик не го криеше своето задоволство, разговарајќи со Sky Italia, а Саму Кастиљехо ги пренесе своите искуства од дебито на Сан Сиро.
Пресреќен сум, победивме и што може повеќе да се посака од тоа? Победа како оваа е многу послатка. Откако топката влезе во голот, не можев ништо да слушам или да сфатам што се случува околу мене. Се надевам дека ќе продолжам вака, да му помагам на тимот и да продолжиме со истото темпо.

Патрик Кутроне го прославува победничкиот гол против Рома на Сан Сиро, 31 август 2018.
Нашата игра? Не разбирам зашто имаше критики. Ние прикажавме убав фудбал синоќа, ги освоивме заслужно првите три бода оваа сезона и најважно од се, го сторивме тоа играјќи убав фудбал. Игуаин? Сите ние знаеме каков играч е тој, станува збор за фантастичен напаѓач, еден од најдобрите во светот, како што кажа и нашиот тренер, а за мене е навистина голема чест да се игра и учи од таков играч. Клупата за резерви? Логично, никогаш не сакам да сум на клупа, но знам дека пред мене има голем играч а јас ќе сторам се што е во моја моќ да му зададам ‘слатки маки’на тренерот и да му помогнам на овој тим.
Сами Кастиљехо го имаше своето деби во црвено-црниот дрес, откако влезе од клупата за резерви кон крајот на натпреварот. Токму Сами, заедно со уште еден новајлија, Диего Лаксалт, успеаа да ја вратат енергијата во тимот и да ги разиграат своите соиграчи. По натпреварот, MilanTV успеа да направи кратко интервју со Кастиљехо, а во продолжение ви пренесуваме дел од неговите зборови.
Беше навистина тешко кога влегов од клупата за резерви бидејќи противникот тогаш почна да ја контролира играта. Тренерот ме посоветува да останам смирен и да ја играм својата игра. Тренерот инсистира да станеме голем тим и едно семејство, а јас мислам дека сето тоа почнува да се случува, иако сум тука само неколку недели.

Сами Кастиљехо и Џенаро Гатузо по победничкиот гол против Рома, 31 август 2018
Бев малку нервозен на стартот бидејќи ова беше мое деби на Сан Сиро, но се помина добро а навивачите ми посакаа топло добредојде. Прилагодување? Уште пред да дојдам, го познавав Мусакио, а исто така тука е и Пепе Реина кој ми помогна бидејќи е шпанец. Но не само тој, сите ми помагаат и јас веќе се чувствувам како дел од тимот.