Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

По киксот и нерешениот резултат со Сасуоло, во моменти кога најмногу беше потребна победа, момците на Рино Гатузо не успеаа да забележат победа ниту во дербито против Наполи, со што, скоро сигурно го пропуштаат ‘последниот воз’ за пласман во Лигата на Шампионите. Нашиот капитен, Лео Бонучи, за емисијата Tiki Taka на Mediaset даде свое видување за состојбите во клубот сезонава, како и за шансите за пласман во Лигата на Шампионите. Во продолжение ви пренесуваме дел од неговата изјава.

 

Оцена за нашата сезона? До сега, би дал 6.5. Во моментов таква е ситуацијата, но очекувањата оваа сезона беа поинакви. Имав голема желба да бидеме во можност да се пласираме во Лигата на Шампионите, се уште сме во трка, но ќе биде пеколно тешко да се оствари тоа. Ние веруваме во тоа и мора да ги добиеме сите преостанати натпревари до крајот на сезоната. Доколку успееме да се пласираме во ЛШ, ќе ја офарбам својата брада!

 

Секој тренер има своја филозофија за фудбалот и подготовките. Монтела успеа да го врати Милан назад во Европа и треба да му се заблагодариме поради тоа. Но, во оваа нова сезона, нешто беше заглавено а ние бевме навистина очајни за гледање. Идентитетот на Јувентус? Тоа е менталитетот и силината на индивидуалците. Кога ќе влезеш во Виново, постои филозофија за фудбалот исто како кога ќе влезеш во Миланело и Гатузо ти проговори.

 

Дали Донарума ќе остане во Милан? И покрај доаѓањето на Реина, не гледам зошто не би останал. Кутроне е играч кој навистина ми се допаѓа. Тој никогаш не се откажува и е секогаш на висина на задачата. Тој е еден од италијанските таленти кој ќе успеат во својата кариера.