Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Шок, горчина и гнев. Така се чувствуваа сите фанови на Милан по минатонеделниот кикс против Сасуоло. Болката беше поголема бидејќи тој викенд, директните конкуренти на Милан исто така кикснаа, па Милан имаше шанса да направи значителен напредок во борбата за пласман во Лигата на Шампионите. За жал, не успеа. Да е маката уште поголема, следен противник е Наполи. Вистинското прашање – како да се подготвиш за меч против Наполи, после таа горчина наречена Сасуоло? Јас имав потешкотии во пишување на оваа најава, а можам да замислам како им е на фудбалерите. Единствена светла работа во целата ситуација е Рино Гатузо. Зошто? Бидејќи тој, во моментов, е единствениот кој може да успее да ги мотивира фудбалерите и да им го врати жарот и желбата, кои така неславно згаснаа после киксот со Сасуоло.

Ситуацијата во Наполи е исто така горчлива. Екипата на Маурицио Сари, после долга бркотница со Јувентус за првата позиција, направи киксови и веќе заостанува 4 бода. Па така, во мечот со Милан, момците од Неапол влегуваат со желба за победа и продолжување на борбата со Јувентус за Скудетото. Околу составот, Маурицио Сари нема проблеми со повредени играчи и ќе го има на располагање целиот тим, освен Марио Руи, кој ќе отсуствува поради жолти картони.

Од другата страна, Рино Гатузо ќе има огромни проблеми да го формира тимот кој ќе им се спротистави на Наполи. Ѕидот во одбраната, тандемот Ромањоли-Бонучи, нема да му бидат на располагање на Гатузо за престојниот натпревар. На мечот со Сасуоло, Милан го загуби Ромањоли, кој се повреди и ќе отсуствува најмалку 2 недели. Исто така на тој натпревар, капитенот Лео Бонучи заработи жолт картон со кој се активираше суспензијата од еден натпревар, па Милан денес ќе биде и без капитенот. На овие отсуства, се приклучува и веќе подолго повредениот Андреа Конти, кој ќе биде отсутен до крајот на оваа сезона. Па така, за очекување е Гатузо својата одбрана да ја формира со тандемот Мусакио-Запата, а Калабрија и Родригез на бековските позиции. Има еден интересен податок околу јужноамериканскиот одбранбен пар кој вреди да се спомене – Мусакио и Запата, како тандем во одбраната, одиграле 33 меча заедно, од кои 6 во Милан и 27 во Виљареал.

Ќе биде интересно да се види како ќе изгледа средниот ред кој ќе им се спротистави на Наполи. Лошата форма на Џек Бонавентура можеби ќе го примора Рино Гатузо да повлече потег и да го седне италијанецот на клупата за резерви, а шанса да добие Локатели или Монтоливо. Отсуството на Биглиа против Сасуоло беше евидентно на теренот, па од тука, ќе биде навистина добро неговото враќање во вака важен натпревар. Како и пред секој натпревар, така и пред овој, во медиумите се шпекулира кој ќе биде изборот за напаѓач. Неколку медиуми пренесоа вест дека Гатузо се размислува за Андре Силва како прва опција, но исто така постои и можноста за старт на Калиниќ, кој успеа да ја прекине својата црна серија со постигнатиот гол против Сасуоло.

Како и да е, без разлика на претходните резултати, меч со Наполи е секогаш важен и Милан мора и треба да оди на победа. Уште повеќе што конкурентите упорно пропуштаат бодови. Интер синоќа повторно ремизираше и ни дозволува да се приближиме на -5 со победа денес. Како што изјави и самиот Гатузо, се додека има теоретска шанса, треба да се бориме за пласман во Лигата на Шампионите. И зошто да не, можеби со токму победа над Наполи, Милан ќе го најави својот камбек и на крај ќе успее да се пласира во Лигата на Шампионите. Со срце и со жар, за победа, за Милан!

FORZA MILAN!