Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

by | Jan 29, 2018

За црвено црната армија низ целиот свет, изминатиов викенд донесе радост и среќа. Милан успеа да го победи Лацио благодарение на головите на Кутроне и Бонавентура, а со тоа успеа за прв пат да победи екипа која се наоѓа на една од првите четири позици на табелата. Уф, колку добро звучи ова!

На овој натпревар, Гатузо се реши со стандардната формација, целосно италијанска одбрана и напад со Кутроне, кој го замени повредениот Калиниќ. Момците започнаа одлично, превземајќи ја иницијативата го диктираа темпото на натпреварот. Првиот гол дојде по прекин, на кој Хакан Чалханоглу со прекрасен центаршут го погоди младиот Кутроне, кој во стил на големиот Марадона (по прегледаните снимки беше увидено дека сепак играл со рака) успеа да постигне гол за водство и ерупција на Сан Сиро!

Радоста на росонерите не траеше долго, бидејќи Марушиќ успеа да ја искористи грешката на Антонели и да донесе израмнување и враќање на резултатската рамнотежа. По тоа, Милан повторно притисна со сите сили, барајќи ново водство за мирно полувреме. Тоа и се случи, на една минута пред крајот на полувремето. Фантастичниот Калабрија, со волшебен центаршут од  десната страна, го најде осамениот Бонавентура, кој со силен удар со глава успеа да го матира расположениот Стракоша. Делириум на Сан Сиро и огромна радост на росонерите, за ова фантастично и можеби најдобро до сега, прво полувреме.

Во вториот дел, лацијалите фрлија се на една карта и притискаа за изедначување, но момците на Гатузо љубоморно го чуваа водството. Евидентно беше одсуството на Чиро Имобиле во нападот на Лацио, бидејќи лацијалите беа безидејни во нападот, дури и по влегувањето на Фелипе Андерсон. Последниот свиреж на судијата донесе огромна радост на трибините, како и на теренот помеѓу играчите. Последниот свиреж на судијата донесе исклучително важна победа, која треба да биде почеток на една долга серија што ќе го врати Милан онаму каде што и припаѓа – во борба за Лигата на Шампионите!

Вреди да се напомене и ефектот на Џенаро Гатузо на овој натпревар. Со своето доаѓање, легендата на Милан донесе и посветеност, борбеност и желба за борба до последниот свиреж на судијата. Младиот Калабрија одигра фантастичен натпревар и во дефанзивниот дел буквално не погреши ниту еднаш. Покрај тоа, успеа и да асистира за голот на Џек, кој на крај се покажа како одлучувачки. Италијанецот не е единствениот што има голем бенефит по доаѓањето на Гатузо. Франк Кеси го подигна своето ниво и пополека почнува да наликува на ѕвездата на Аталанта од минатата сезона.

Истото може да се каже и за бившиот капитен на Лацио, Лукас Биља. Искусниот играч од средниот ред успешно го затвори Милинковиќ-Савиќ и не му дозволи да ја диктира играта и да влијае посериозно на натпреварот. Стартниот напаѓач, Патрик Кутроне, му се заблагодари на тренерот за довербата со гол во стил на големиот Марадона. Младиот Патрик покрај напаѓачките способности, го поседува и духот на Гатузо, неуморно трчајќи и борејќи се за секоја топка на теренот. Милан има дефинитивно потреба од повеќе вакви играчи!

Да резимираме: Милан оствари исклучително важна победа против директен конкурент за пласман во Европа и против екипа која има најмногу постигнати голови во досегашниот тек на сезоната. Но, да бидеме реални. Оваа победа нема да значи ништо, доколку Милан не успее да го задржи континуитетот. Следниот викенд  доаѓа секогаш незгодното гостување во Удине, каде Милан мора да покаже и докаже дека победата над Лацио не е случајност и дека навистина влегува во толку посакуваната форма.